Во Велика Британија отворена пруга со прагови изработени од отпадна пластика

Фото: Network Rail

Наместо дрвени или бетонски прагови, претпријатието кое управува со железничката инфраструктура во Велика Британија започна да употребува иновативни прагови изработени од отпадна пластика. Возовите од Вилтшир од летово се движат по пруга изведена од ваквите прагови, кои се всушност произведени од рециклиран отпад – стари шишиња, пакувања од храна и друга несакана пластика, информираат од британското железничко претпријатие „NetworkRail“.

Иновативните прагови од рециклирана пластика имаат рок на употреба од над 50 години, а кога на крајот ќе бидат заменети, тие ќе можат повторно да се користат така што би биле повторно рециклирани за производство на нови прагови или други композитни производи.

Инаку, од 31 јули годинава забрането е вградувањето на пругите на дрвени прагови од меко дрво третирани со креоз. Британското претпријатие кое ја одржува железничката инфраструктура управува со над 32.000 километри пруги.

За разлика од традиционалните дрвени прагови на шините, праговите од отпадна пластика не гнијат со текот на времето, а може да одолејат и на вода, масло, хемикалии и габи. Креозот како материјал беше забранет за користење во ЕУ уште во 2013 година, со исклучок на железницата.

Иновативните прагови од отпадна пластика; Фото: Network Rail

Старите дрвени прагови од шините како отпаден материјал се опасни по животната средина, особено доколку се запалат, бидејќи исклучително отровни материи би се прошириле во воздухот од ваков пожар.

„Ова е возбудлив развој, употребата на овие рециклирани прагови на железничката пруга во Весекс е прва од надземната железничка мрежа во Велика Британија. Железницата е еден од најзелените начини на патување, но ние сме посветени на уште позелени и подобри патувања“, изјави директорот на железничката инфраструктура во Весекс, Марк Килик.

Како замена за старите дрвени прагови на пругите, досега во развиените земји се користеа прагови изработени од бетон.