fbpx

Во Велес воздухот е почист, но почвата сè уште е отровна

-

Велешани дишат почист воздух во последните години, откако е затворена Топилницата, но тоа не е случај и со почвата во градот. Нивоата на кадмиум, цинк и олово во воздухот се под максимално дозволените вредности, покажуваат податоците од мерењата направени од Институтот за јавно здравје од Велес. Почвата, пак, и по деконтаминацијата во градот и околината, со засадување маслодајна репка, како фиторемедијатор, со лабораториските анализи е утврдено дека и понатаму е загадена со тешки метали.

„Откако Топилницата не работи во Велес се вратија птиците. Тоа покрај мерењата, е еден од знаците дека воздухот е добар. Нивоата се испитуваат дневно и се вадат просечните вредности и тие се далеку од ризични или критични“, вели д-р Снежана Петрова од Центарот за јавно здравје.

Нагласува дека вредностите на тешките метали во воздухот и во прашината во последните години се под граничните вредности кои ги препорачува Светската здравствена организација. Институцијата мери и присуство на чад и сулфурдиоксид во воздухот, додека, пак, загадувањето со ПМ10 честички во воздухот ги следи мерната станица на Министерството за животна средина во Велес.

Пред шест години истражувањата на професорот Трајче Стафилов од Институтот за хемија на Природно математичкиот факултет, потврдија дека почвата и прашината во домовите во Велес се контаминирани со тешки метали. Испитувањата направени во три зони, во куќи во Велес, во Башино село и во планинските села југозападно од Велес, потврдија дека се сретнуваат особено високи вредности на арсен, кадмиум, олово, цинк, индиум и антимон. Научниот труд, публикуван од МАНУ, содржи информации за особено високи нивоа на кадмиум, кои во домашната прашина биле 21 милиграм на килограм, а концентрациите на кровните греди 240 милиграми на килограм.

„Примероците беа земени од триесет куќи од Велес, испитани беа во лабораториите на ПМФ, а потврдени во Нуклеарниот институт во Русија и покажаа сериозни вредности. Сè додека не се исчисти историскиот отпад од Велес, но и од сите други жешки точки во земјава, тој ќе биде опасност за здравјето на луѓето“, предупредува Стафилов.

Чистењето на црниот рид со згура, остаток од некогашниот индустриски гигант, на простор од 33.000 кубни метри, тежок 1,7 милиони тони не е започнато. Неговата содржина од околу 10 проценти цинк, еден процент олово како и другите опасни метали како кадмиум, бакар, арсен, индиум, талиум и понатаму се закана за здравјето на жителите на овој град.

Во еколошкото друштво „Вила Зора“ се убедени дека состојбата со почвата нема да се промени сè додека троската целосно не се исчисти.

„Ремедијација на различни површини, внатре и во околината на градот се вршат повеќе од една деценија. Последниот проект „Да ја заштитиме почвата“, кој беше финансиран од УСАИД, започна во 2018 а минатат година ги имавме и резултатите. По деконтаминацијата резултатите на почвата покажаа дека и во засадените растенија и во почвата сè уште има присуство на тешки метали“, вели Ненад Коциќ од „Вила Зора“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...