fbpx

Во Трст почнува самитот Западен Балкан – ЕУ

-

Во Трст денеска почнува бизнис-форумот во рамки на самитот на лидерите на државите од Западен Балкан, на кој, покрај еврокомесарот за проширување и за добрососедска политика, Јоханес Хан, учествуваат и министрите за трговија и за економија на земјите од Западен Балкан.

Самитот се одржува во рамки на Берлинскиот процес, иницијатива покрената во 2014 година, а која има цел да ги подобри европските перспективи на државите од ова подрачје, кои се во процес на евроинтеграции, да ги зајакне економски и да ги поврзе.

На самитот ќе присуствуваат претставници на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија, претставници на полноправните членки на ЕУ, односно на Хрватска, Словенија, Австрија, Франција, Германија и на Италија, како и високата претставничка за надворешна политика и за безбедност на ЕУ, Федерика Могерини, и комесарката за транспорт, Виолета Булц.

Потврдено е и доаѓањето на германската канцеларка Ангела Меркел и на францускиот претседател Емануел Макрон, кои ќе се сретнат со италијанскиот премиер Паоло Џентилони.

Премиерот Зоран Заев, кој ја предводи македонската владина делегација на самитот, ќе има средби со највисоките европски државници и претставници на ЕУ и на ЕК, премиерите на Албанија, Еди Рама, на Србија, Ана Брнабиќ, и на Словенија, Миро Церар, како и со шефот на британската дипломатија, Борис Џонсон.

Во пресрет на собирот, Могерини синоќа порача дека во Трст ќе се разговара за „конкретни прокети“ за поттикнување на економскиот развој на регионот и спроведување реформи. Истовремено, официјалниот протокол на собирот предвидува учесниците да потпишат договор за сообраќајна заедница, од кој се очекува да ја поттикне интеграцијата на сообраќајната мрежа на Западен Балкан и на ЕУ.

Се очекува Европската комисија да најави доделување нови средства во рамки на годишниот пакет на поврзување, а истовремено, земјите од Западен Балкан треба да усогласат акционен план за развој на регионално економско подрачје.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...