fbpx

Во третата година од мандатот Владата се’ уште почнува со реформи во администрацијата

-

Бавно оди процесот на реформи што треба да доведат до професионализација на администрацијата, а најдобар показател за тоа е што Владата во третата година од мандатот се уште ги менува законите за вработените во јавниот сектор и законот за административни службеници.

Министерство за информатичко општество и администрација (МИОА) преку Единствениот национален елетронски регистар на прописи (ЕНЕР) објави дека подготвува Закон за изменување и дополнување на Законот за вработените во јавниот сектор.

„Со измените на Законот за вработените во јавниот сектор, се вршат интервенции во опфатот и класификацијата на работните места во јавниот сектор, се доуредуваат постапките за вработување, унапредување, управување со ефектот и дисциплинската одговорност на вработените во јавниот сектор и се вршат суштински измени кај постапките за мобилност и изготвувањето на Годишните планови. Целта на предложеното законско решение е подобрување ена постојната регулатива“, пишува во образложението од МИОА.

Министерството подготвува и предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за административните службеници.

„Со измените на Законот за административни службеници, се поедноставуваат постапките за вработување и унапредување на административните службеници, постапката за утврдување на дисциплинската и материјална одговорност и се врши корекција на системот за управување со ефектор, со цел надминување на слабостите на постојниот систем. Со предложените измени и дополнувања се очекува подобрување на постојните законски решенија во повеќе сегменти кои се уредуваат со Законот“, објави МИОА.

Рокот за подготовка на овие законски измени е до 14 јули 2019 година, а се предвидувааат јавни расправи, барања за писмени мислења, забелешки и сугестии од засегнатите страни и јавни дебати.

Тоа значи дека додека законите поминат на владина седница и во Собрание најверојатно ќе изминат уште неколку месеци односно тие би стапиле на сила кон крајот на оваа или почетокот на идната година.

Владата декларира реформира администрацијата уште откако ја презеде власта на параламентарните избори, но досега нема суштински промени освен илјадници нови вработувања.

На дебата „Зошто ни се потребни измени на Законот за административни службеници и на Законот за вработени во јавниот сектор“ во мај, минатата година министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски рече дека се креираат политики што мора јасно да ги дефинираат правата и обврските на администрацијата за таа да биде ефикасна.

Според него, еден од главните резултати што треба да се постигне е намалување на корупцијата и деполитизација на администрацијата.

„Тоа може да се направи преку јасни критериуми при изборот на најдобрите кандидати за вработување. Вработувањата и унапредувањата генерално и принципиелно мора да се прават во согласност со потребите на институциите, а не во согласност со потребите на владејачките партии“, изјави Манчевски.

Професорката Ана Павловска-Данева од Правниот факултет тогаш истакна дека имаме проблем со концептот во јавната администрација и дека е потребен сосема нов систем на кариера во кој се влегува како приправник и во рамките на системот да се напредува.

„Во овој момент имаме 50.000 административци без високо образование, како и вработени без основно образование“, рече Павловска-Данева и додаде дека администрација не е пренатрупана, туку има залутани и непрофесионалци што треба да се селектираат.

Професорот Борче Давитковски од Правниот факултет на истата дебата истакна дека е потребна реформа што долгорочно ќе го реши проблемот како во стабилни демократии, а не, како што рече, како кај нас каде што палијативно и со секоја власт се почнува од почеток. Тој предложи да се направи академија по примерот на Академијата за судии и јавни обвинители.

Како што трганала работата со носењето на законските измени станува очигледно дека и оваа владејачка гарнитура ќе остави реформите да ги спроведува некоја следна извршна власт.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...