Андреј Ѓоргиески, познатиот вокал од дуото ДНК, препознатлив во јавноста и по својата хуманитарна работа, денеска им подлегнал на повредите со кои се здобил синоќа во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Животот трагично го загуби и проф. м-р Сара Пројковска, која беше придружен вокал на дуото, како и музичарот Филип Стевановски од Куманово, кој беше нивен придружен член. Трагедијата го згасна животот и на тапанарот на ДНК, Ѓорѓи Ѓорѓиев од Струмица, а животот го загуби и Александар Ефремов, фотографот на бендот.
Јавноста се простува од музичарите на социјалните мрежи, со споделување видеа од хитот на дуото, „Ако утре ме нема“.
Во пожарот кој избувна синоќа во дискотеката во Кочани, животот го загубија вкупно 59 лица, меѓу кои и деца, а повеќе од 100 се повредени. Десетици лица се хоспитализирани во болниците во Кочани, Штип, на скопските клиники, а најтешко повредените се транспортирани на лекување во Бугарија, Грција, Србија и во Турција.
Владата денеска одржа вонредна седница донесе одлука за прогласување на седумдневна жалост на територијата на целата држава. Седница започна со едноминутно молчење и беше најавено дека Министерството за надворешни работи деновиве ќе отвори книга на жалост.