Во тек е меѓународниот конкурс за поезија „Антево Слово“ во Сицилија, Италија

Остануваат уште десет дена до завршувањето на петтиот меѓународен конкурс за поезија во Сицилија, „Антево Слово“ 2021/2022, кој е отворен за сите македонски поети што ќе испратат своја необјавена песна.

Конкурсот како и наградата „Антево слово“ се дел од големата меѓународна поетска манифестација, „Анџело Ла Векија“ („Il Parnaso – Concorso di Poesia – Premio Angelo La Vecchia“) како резултат на соработката со Здружението за развој на култура и заштита на културно наследство, „Контекст – Струмица“. Специјалната награда на сицилискиот меѓународен фестивал е востановена во чест на великанот на македонската поезија, Анте Поповски.

За учество потребно е да се испрати една необјавена песна на e-mail адресата: [email protected] напишана на македонски и италијански или англиски јазик. Сите учесници ќе имаат можност да влезат во конкуренција за двете награди, носечката награда „Анџело Ла Векија“ именувана по проф. Анџело Ла Векија, познат во Сицилија и Италија со неговата работа како поет, драмски писател, историчар и професор и специјалната награда „Антево слово“ која се доделува во чест на Анте Поповски, познатиот македонски поет, есеист, препејувач и публицист.