Во тек е летниот камп во организација на Сојузот на извидници на Македонија

фото: Сојуз на извидници на Македонија

По пауза од две години поради ковид-19 пандемијата, повторно се активираше традиционалниот летен камп во кој учество земаат околу 180 извидници од цела Македонија на возраст од 12 до 16 години.  Деновиве, на плажата во Извидничкиот центар-Охрид, освен редовните посетители можат да се забележат и разиграните деца и млади кои учествуваат на летниот камп што е во организација на Сојузот на извидници на Македонија.

Децата и тинејџерите кои се дел од кампот, по принципот на учење преку работа и забава, деновите и вечерите ги поминуваат во другарување, учество на водени и забавни игри, еколошки и креативни работилници, стреличарство, ориентација, кампување, лидерство и останати извиднички и животни вештини.

Од Сојузот на извидници на Македонија велат дека сите активности се одвиваат според протоколите за организација на настани на отворено и внатрешните протоколи на Сојузот за организација на извиднички настани. Летниот камп започнал на 7 август, а младите ќе имаат можност да се дружат во Охрид до недела.

„За потсетување, извидничкото движење претставува најголема светска организација за неформално образование, која брои преку 60 милиони членови и неговата мисија е да придонесе во интелектуалниот, психичкиот, физичкиот, социјалниот и емотивниот развој на децата и младите“, велат од организацијата на летниот извиднички камп.

Од Сојузот порачуваат секој кој што сака да се приклучи на извидничкото движење, тоа може да го направи во текот на месец септември, кога одредите ширум земјава ќе ги започнат уписите на нови членови.