Во тек е формирањето на комисија за спорните учебници по социологија

Фото: Архива на Мета

На 1 јуни истече рокот за пријавување за учество во комисијата која треба да ги ревидира спорните учебници, меѓу кои и оние по социологија за II, III и IV година гимназиско образование. Од Министерството за образование и наука велат дека во моментов се формираат комисиите за оние предмети за кои се пријавиле кандидати.

„И покрај повторно објавениот повик, нема пријавено доволен број кандидати за да може да се формираат комисии за сите предмети. Некои од пријавените кандидати ги исполнуваваат условите, а некои не“ изјавија од МОН за Мета.мк

Овој пат за учебниците по социологија каде што имаше спорни дискриминирачки содржини, се пријавиле доволен број кандидати, посочуваат од ресорното министерство.

„За предметите: Социологија II година на гимназиско образование, Социологија III година на гимназиско образование, Социологија за IV година на гимназиско образование,Македонски јазик за I одделение на деветгодишно основно образование, Македонски јазик за II одделение на деветгодишно основно образование има пристигнато доволен број кандидати, пријавите се разгледани и комисиите се формираат“ – соопштија од МОН.

Оттаму велат дека за предметите: Етика за II година (изборен предмет) на гимназиско образование, Педагогија за III година (изборен предмет) на гимназиско образование, Филозофија за IV година на гимназиско образование нема пријавено доволен број кандидати.

Во овој случај, како што и претходно изјавија од МОН за Мета.мк, Педагошката служба ќе се обрати до соодветните универзитети и училишта за да предложат можни кандидати кои би можеле да бидат членови на тие комисии. Доколку предложените кандидати се согласат да учествуваат во тие комисии, од нив ќе биде побарано да достават пријава со комплетна документација согласно условите од Законот за учебници за основно и средно образование.

„За да се забрза постапката на ревидирањето на учебниците, Педагошката служба веќе се обрати до соодветните училишта и универзитети и во тек е предлагање на можни кандидати за членови на комисиите од нивна страна“ појаснуваат од МОН.

По ревидирање на учебниците од страна на комисиите, а согласно Законот за учебници за основно и средно образование, доколку комисијата даде позитивно мислење, министерот донесува решение со кое потврдува дека продолжува да важи одлуката за употреба на учебникот.

Ова е втор обид на Министерството за образование и наука да формира комисии за спорните учебници, откако на првиот јавен конкурс не се пријавија доволно кандидати.