Заедничка седница на владите на Македонија и на Бугарија ќе се одржи в четврток во Струмица, а на неа ќе се потпишат десет нови договори. Тоа го најави премиерот Зоран Заев денеска во Струмица, каде се обрати во рамките на обуката за политички лидери во организација на Институтот за политика од Бугарија.

Тој порача дека е многу важно „да гледаме на перспективите и да градиме пријателство и со соседите, притоа штитејќи ги своите позиции и остварувајќи ја својата улога во општеството“ и дека политичарите честопати не го гледаат единството и блискоста на граѓаните на двете земји. Заев нагласи дека покрај власта, пред граѓаните одговорност има и опозицијата, посочувајќи дека Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија треба да биде поддржан и од опозицијата.

– Јас би сакал и кај нас, во Македонија, и власта и опозицијата да стојат зад ваквите важни документи, што отвораат не само пријателство туку и големо сојузништво помеѓу Бугарија и Македонија, а сè за да им се помогне на граѓаните на Македонија во интегративниот процес за членство во Европската Унија и во НАТО – рече Заев, додавајќи дека тоа е особено важно поради тоа што во првата половина од следната година Бугарија ќе претседава со Европската Унија.