Четири од земените мостри од водата во струмичкиот водовод, не ги исполнуваат безбеднсноните критериуми поради детектирано зголемено присуство на колиформни бактерии во водата. Поради овие причини, изречената забрана за пиење на водата од струмичкиот водоснабдителен систем останува на сила, информираат во Агенција за храна и ветеринарство (АХВ).
„АХВ ги доби резулатите од анализираните мостри вода земени на 18 октомври, во рамки на спроведениот вонреден инспекциски надзор во водоснабдителниот објект – фабрика за вода на ЈКП „Комуналец” Струмица. Целта на контролата беше увид во досегашните активности спроведени од страна на ЈКПД Комуналец од Струмица“, наведено е во соопштението од АХВ.
Земени биле 6 мостри за анализа на водата од водоводната мрежа на ЈПКД Комуналец Струмица и тоа: една мостра од сирова вода која доаѓа од браната, сирова вода од чешма во фабриката, втора мостра на хлорирана/третирана вода за пиење од чешма во фабриката за вода, три мостри вода за пиење од мерните места одредени од ЈПКД Комуналец во нивниот мониторинг план за земање мостри вода за анализа и една мостра вода за пиење земена по случаен избор на инспекторот од водоводната мрежа на ЈПКД Комуналец.
„Сите мостри, по спроведените физичко – хемиски тестирања одговараат на законски дефинираните безбедносни критериуми, односно претходно зголеменото ниво на манган е во рамки на дозволените вредности“, се додава во соопштението.