Во новото соопштение на ОО СДСМ Струга беше објавено како се руши едно од најголемите културни наследства на градот, спомен куќата на писателот Владо Малески, најпознат како авторот на македонската химна.
Од ОО СДСМ Струга ги повикуваат сите надлежни институции во најкраток можен рок да го истражат случајот и да ги изведат пред лицето на правдата сите оние кои денес си зедоа за право да избришат дел од културното наследство на Струга.
„Овој чин ја поткопува довербата во институциите. Нерасчистувањето на ова културно злосторство ќе покаже дека има поединци и групи кои се над законите, над сè она што е наследство. Струга отсекогаш ја негувала културата, Струга е градот со кој жителите се гордеат со своите културни дејци, Струга ја чува културната меморија, и така сакаме да продолжиме. Затоа, во име на стружани, бараме итно постапување и одговорност. Нема да дозволиме овој нецивилизациски чин да биде ставен во дневнополитички наратив, затоа што Малески е многу повеќе од тоа“, стои во соопштението.
Подоцна во текот на денот, од Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ), каде еден од основачите и самиот Владо Малески, соопштијка дека добиле информација од Заводот за заштита на спомениците и културата и Музеј – Охрид дека направиле увид на терен и констатирале дека дел од спомен-куќата се срушил поради градежни работи на соседниот објект.
„Од страна на НУ Завод и музеј Охрид е изготвен Записник кој ќе се достави до Управата за заштита на културно наследство во Скопје, по што ќе треба да се изготви проект за реконструкција на оштетениот дел од градбата. Во меѓувреме, инвестирот на градежните работи на соседниот објект ќе треба да ја обезбеди локацијата за да не дојде до понатамошно оштетување на спомен-куќата на Владо Малески“, соопштија од ДПМ.
Куќата претставува еден од најзначајните симболи на антифашистичката борба во Македонија. Во таа куќа на 23 септември 1941 година, народниот херој Кузман Јосифовски-Питу одржал конститутивен состанок на Месниот комитет на КПЈ за Струга и околуната. Токму биста на Кузман Јосифовски-Питу стои пред спомен-куќата.
Владо Малески е роден во Струга, на 5 септември 1919 година. Основно образование завршил во Скадар, Албанија, а гимназија во Битола. Студирал на Правниот факултет во Белград, но поради избувнувањето на Втората светска војна ги прекинал студиите. Бил учесник во НОБ на Македонија како еден од организаторите на партизанското движење во струшкиот крај. По завршувањето на војната бил директор на Радио Скопје и уредник на списанијата „Нов ден“, „Современост“ и „Разгледи“. Исто така, работел во дипломатската служба, како амбасадор во Либан, Етиопија и Полска, а бил и член на Претседателството на Социјалистичка Република Македонија. Станал член на Друштвото на писателите на Македонија во 1946 година.
View this post on Instagram
