Во странство потпишуваме договори, на терен уништувањето на шумите продолжува [инфографик]

Фото: Мета.мк

Над 10.000 хектари шуми беа уништени од катастрофалните пожари што ја зафатија земјава во изминатава година. Ситуацијата беше крајно сериозна во текот на август, кога исклучително лошата комбинација на сушен период, продолжен топлотен бран со температури од 40 степени и силен ветар, предизвика опустошување на цели шуми во Малешевијата, ридовите околу Кочани и на други локации во земјава.

Материјалната штета од шумските пожари годинава ја надмина сумата од 31 милион евра, но главните опасности за локалното население допрва доаѓаат – опасности од ерозија и свлечишта, додека за земјава овие пожари значат растечки емисии на стакленички гасови во атмосферата и намален шумски фонд.

Фото: Мета.мк

Но, пожарите се само дел од опасностите по шумското богатство. Од Центарот за европски стратегии – ЕВРОТИНК велат дека бесправната сеча на дрвја е исто така голем проблем. Според податоците на Глобал форест воч, од 2001 година до денеска Македонија изгубила 38.600 хектари шумска покриеност, што е еквивалентно на намалување од 4,9 отсто од шумите. Податоците на Државниот завод за статистика од 2010 година до денес пак велат дека штетите во шумите предизвикани од бесправната сеча изнесуваат 245.118 метри кубни дрва.

„Декларативно, и институциите и граѓаните искажуваат незадовоство од појавата на пожарите и нелегалната сеча како причина плус која придонесува за климатските промени“, вели за Мета.мк Димитар Николовски, директор на ЕВРОТИНК.

Сепак, во реалноста, институциите задолжени за заштита и афирмација на вредностите на шумите алармираат и се активни на терен, толку колку што можат и имаат капацитети, а капацитетите во многу случаи им се мали и недоволни од аспект на афирмација на поголема заштита, заклучува тој.

„Еден од проблемите во институционален контекст е тоа што институционалната соработка на локално ниво и на терен, напати е мала и неефективна, а често е и оптоварена со дневно-политички и финансиски мотиви“, додава Николовски.

Публикацијата „Пустошење на нашата иднина: Форми/модели на организиран криминал во бесправната сеча во Република Северна Македонија“ на ЕВРОТИНК укажува дека капацитетите на шумската полиција во многу аспекти се мали и оскудни, почнувајќи од бројот на вработени и лошите услови за работа. Покрај елементарните и техничките средства за работа, шумската полиција нема ниту дронови и ефикасни електронски системи за спречување на дрвокрадството.

„Шумочуварската служба кој е интегриран во редовите на ЈП Национални шуми се соочуваат со слични, а може да се каже и со доста полоши услови од оние на Шумската полиција, а шумочуварите се оние кои на терен по планини на лице место и први се соочуваат со организираниот криминал“, открива истражувањето на ЕВРОТИНК, коешто годинава ќе биде проширено со нова публикација на оваа тема.

Дека заштитата на шумите не е на задоволително ниво, доволен податок е фактот дека последниот попис на националниот шумски фонд бил спроведен во далечната 1979 година. Во официјалните државни документи пак се вели дека шумите и шумското земјиште во земјава зафаќаат површина од 1,1 милиони хектари, кои се со голема разновидност на дрвја, но со низок квалитет и мал годишен раст.

Фото: Мета.мк

Ова е наведено како податок во „Третиот двогодишен извештај за климатски промени“ на Министерството за животна средина и просторно планирање, каде уште се додава дека вкупните дрвни резерви на земјава се проценуваат на приближно 70 милиони метри кубни дрва, а вкупниот годишен раст е 1,7 милиони метри кубни.

Но, прецизниот податок колку навистина имаме површини засадени под дрвја е од клучно значење за да може во иднина да се прават квалитетни пресметки за емисиите на стакленички гасови, како и да се преземат мерки за ублажување на климатските промени.

Во последниот двогодишен извештај за климатските промени, се наведува дека Шумарството е секторот којшто најмногу придонесува за апсорпција на стакленичките гасови во земјава. Во годините кога нема големи пожари и сечења на шумите, дрвјата повеќе апсорбираат отколку што испуштаат стакленички гасови. Но, во оние години кога беснеат големи шумски пожари, токму секторот Шумарство е еден од најголемите создавачи на штетните гасови кои влијаат на глобалното затоплување.

Па така, во 2000 година кога пожарите зафатиле големи пространства засадени со дрвја, емисиите на стакленички гасови се искачиле на рекордни 10.441,1 гигаграми на јаглерод диоксид еквиваленти. Во вакви случаи, шумските пожари придонесуваат за многу поголемо негативно влијание врз климатски промени, дури и од проблематичниот енергетски сектор.

Токму затоа, пошумувањето на соголените површини, чувањето на шумите и адекватната опременост на шумската полиција и шумочуварските служби, како и градењето на свесноста кај граѓаните за заштита на шумите, се клучен фактор за спречување на натамошното зголемување на просечната температура на воздухот во светот.

Димитар Николовски од ЕВРОТИНК вели дека нивното истражување преку интервјуа со експерти и луѓе покажува дека директна врска помеѓу нелегалната сеча и пожарите во шумите нема. Причина за ова е фактот што доколку дрвјата се уништени на начин што претходни биле делумно изгорени, со тоа се намалува вредноста во однос на пари на диво исечената дрвна маса.

Сепак, од ЕВРОТИНК напоменуваат дека дрвокрадците прават други големи штети на шумите, а кои директно се однесуваат на регенерација на дрвјата.

„Пошумување се врши само на иглести стебла. Овие дрва се регенерираат самите. Кога овие дрвја се сечат од страна на шумските претпријатија, се сечат според одреден стандард – не до корен, туку има правила за сечење до одредена висина. Еден од проблемите во оваа насока е што дрвокрадците ги сечат до корен и оневозможуваат нивна регенерација“, посочува Николовски.

Изгорените површини од летово допрва ќе се пошумуваат

Мета.мк излезе на терен на локациите, каде што годинава имаше големи шумски пожари. Градот Кочани беше пред опасност да биде зафатен од еден од овие пожари, а само присебноста и брзата реакција на жителите доведоа до тоа да не биде предизвикана поголема материјална штета и човечки жртви.

Фото: Мета.мк

Ненадоместливата штета од пожарот над Кочани и денеска се видливи. Огромни пространства на изгорени дрвја се наоѓаат на локацијата и сведочат за страшните моменти од изминатово лето. Разговаравме и со жители од куќите кои се наоѓаат во непосредна близина каде што се случија пожарите. Огнот дошол од Тркански рид за само 15 минути до нивните куќи. Над 200 луѓе го гаснеле пожарот не само од Кочани, туку и од Виница и од другите населени места.

„И двата дена беше тешко за дишење“, вели нашиот соговорник, којшто побара да остане анонимен.

Тој ни рече и дека изгорената шума над Кочани планираат да ја сечат, по што одново ќе се врши пошумување на локацијата. На местото на изгорените површини, замислено е да се направи парк.

Инаку, ЈП Национални шуми пред еден месец започнаа вонредна акција за пошумување, како би се санирале штетите од шумските пожари од годинава. Сепак, само за пошумување на уништените површини во период од неколку денови ќе бидат потребни минимум две години работа на стручните служби на ЈП „Национални шуми“, информираа од ова јавно претпријатие веднаш по пожарите.

Македонија на КОП 26 против уништување на шумите

На Конференцијата за климатски промени на ОН (КОП 26), која во првата половина на ноември се одржува во Глазгов, над 100 светски лидери се согласија да стават крај на дефорестацијата, најдоцна до 2030 година. Големиот договор за спречување на уништувањето на шумите го потпиша и Северна Македонија. 

Фото: Мета.мк

Сепак, покрај декларативната заложба во Глазгов, земјава ќе треба во наредниов период да претстави конкретни бројки за засадување на нови дрвја по години во наредниов период. Исто така, подготовката со кадар и нова опрема на шумската полиција и шумочуварската служба се конкретни мерки кои можат да спречат натамошно уништување на шумите. Конечно, земјава под итно ќе треба да направи попис на националниот шумски фонд, како би можело да имаме детални податоци за тоа со колкави шумско богатство располагаме.

Автори: Бојан Блажевски, Гоше Николов

Фото: Гоше Николов