Во средното образование не се овозможија услови за квалитетно спроведување на далечинска настава

Наоди од истражувањето / Фото: Здружение Лидери за едукација, активизам и развој

Во 64 отсто од случаите, ретко (еднаш во две недели или еднаш во месецот) или воопшто не се употребувале дигитални алатки во редовната настава, а 51 отсто од учениците никогаш не биле обучени од своите наставници за тоа како да користат дигитални алатки за потребите во наставата. Ова се дел од наодите на националното истражување за спроведувањето на далечинската настава во средното образование за време на КОВИД-19, спроведено од Здружение Лидери за едукација, активизам и развој во соработка со Фондација Конрад Аденауер во периодот од 25 мај до 15 јуни, на репрезентативен примерок од 639 ученици и 407 наставници од сите 8 статистички региони на Северна Македонија.

Заклучокот од истражувањето е дека секундарниот образовен систем не овозможи услови за квалитетно спроведување на далечинска настава. Како една од причините е тоа што дигитализацијата во образованието е на многу ниско ниво, каде што само 51 проценти од училиштата имаат интернет конекција за користење, а од нив, во 53 проценти од случаите истата не е отворена за користење за учениците.

Анализата покажува дека 55,5 отсто од учениците ја оцениле наставата како просечна, доволна и недоволно добра, а 1/3 сметаат дека наставата малку или воопшто не помогнала во изучување на материјата. Како една од причините е и начинот на кој се одвивала истата, каде најдоминантен и најфреквентен начин на спроведување на наставата е испраќањето на задачи и презентации со 61 проценти застапеност. Платформата ЕдуИно изработена од МОН, се користела само во 1 отсто од случаите.

„Исто така, наставниците никогаш немаат добиено обука за користење на дигитални платформи и во 37 отсто од случаите, онлајн предавања и дигитални алатки се користат во помалку од половина од вкупниот број на предмети. Координацијата при реализирањето на наставата била многу слаба со отсуство на унифициран пристап за спроведувањето на наставата од сите наставници и отсуство на посебни распореди за онлајн настава која вклучува онлајн часови во најголем дел од случаите“ стои во извештајот од истражувањето.

Наставниците известиле дека оценувањето било нереално и не постоел систем за оценување кој е прилагоден на моделот на далечинско учење. Од друга страна, во ниту едно училиште во периодот на спроведување на наставата на далечина, не била спроведена планска и суштинска евалуација на далечинското учење, посочуваат од Здружението Лидери за едукација, активизам и развој.