Во среда во Тетово продолжуваат протестите на учениците против онлајн настава

Средношколците на протест против онлајн настава / Фото: Арбнора Мемети

Средношколците од општина Тетово од среда ќе продолжат со протести против онлајн наставата. Тие велат дека не се откажале од бојкотот на наставата и дека единствено барање им е настава со физичко присуство, пишува „Порталб.мк“.

Следниот протест ќе се одржи во форма на марш, во среда, односно на 07.10.2020 година, тргнувајќи од тетовската гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ до плоштадот „Илирија“.

„Објавуваме дека на 7.10.2020 година ќе се одржи протест против онлајн наставата. Ги повикуваме сите ученици на училиштата во Тетово и околината, како и родителите и наставниците да ни се придружат“, рече Асмир Џелили, еден од организаторите на протестите.

Протести против онлајн настава се организираа и во Кичево и Струга, а се најавуваат и во некои други градови каде учениците не сметаат дека наставата преку компјутер е најдобриот начин за развој на образовниот процес.

Министерката за образование и наука, Мила Царовска вели дека нема бојкот на наставата и дека над 70 отсто од учениците се вклучени и посетуваат онлајн настава без никакви проблеми.

„75 до 78 отсто од наставата на далечина се реализира без никакви проблеми. Останатите 20 отсто во повеќето случаи се однесуваат на ученици кои имаат проблеми со пристап до интернет или недостаток на ИТ опрема. Постепено ќе го надминеме и овој предизвик. Во меѓувреме, наставата продолжува на Македонската радио-телевизија и наставните материјали им се доставуваат “, рече Мила Царовска, министерка за образование и наука.

А пак, на последниот протест организиран во Тетово, учествуваа голем број средношколци од оваа општина. Сепак, масовноста на протестот беше негирана од страна на директорите на соодветните училишта, кои за „Порталб.мк“ изјавија дека „бројот на ученици кои ја бојкотирале наставата бил 0 или минимален“.

Инаку, во рамките на Општина Тетово, според податоците на Општина Тетово, настава со физичко присуство започнале 3.400 ученици од прво до трето одделение. Општина Тетово има вкупно 9.850 ученици во основните училишта и 6.300 средношколци.