Во Собранието денеска почна расправата по предложениот ребаланс на буџетот за 2015 година, што Владата го усвои во петокот.

Расправата ќе се одвива без присуство на опозицијата на седницата на матичната Комисија за финансирање и буџет, а по предложениот ребаланс ќе расправа и Законодавно-правната комисија.

Немилиот настан од 24 декември 2013 година, кога новинарите насилно беа исфрлени од Собранието, исто така беше поврзан со расправата за буџетот. Опозицијата тогаш обвини дека „власта сака насила да го донесе буџетот“ без присуство на медиумите.

Со новиот ребеланс на буџетот, кој изнесува нешто повеќе од 3 милијарди евра (највисок во историјата на земјава), имаме зголемување на приходите од 58 милиони евра, зголемување на расходите за 85 милиони евра, но и зголемување на буџетскиот дефицит од 327,5 милиони евра.

Во исто време, и проекцијата за економскиот пораст е намалена од 4 на 3,5 проценти. Со новиот ребаланс се предвидува и зголемување на позајмицата од домашните банки за четирипати повеќе во однос на претходно проектираното.