Со отворање на изложбата „Солидарноста како иднина“ во Музејот на современата уметност синоќа во Скопје започна новото издание на „Европските дијалози – Европско наследство и иднина“, во организација на Францускиот институт и Амбасадата на Франција во Северна Македонија.
Настаните продолжуваат од денес до 2 октомври на повеќе локации низ градот, меѓу кои Младинскиот културен центар, Инокс центарот, Културниот центар „Јадро“, Europe House и Лабораториум. Програмата опфаќа и затворени работни сесии и јавни дебати за односот меѓу историјата и политиката, антифашистичкото наследство, човековите права, независната култура, дезинформациите и иднината на европските општества.
На официјалното отворање се обратија францускиот амбасадор Кристоф Ле Риголер и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски. Ле Риголер, порача дека „Европа не е завршен проект, туку колективна изградба“ и го нагласи значењето на дијалогот за европската иднина.
„Во рамките на овие дијалози, историјата е во сржта на размислувањата, затоа што несомнено не ги споделуваме истите читања на минатото, ниту пак истите историски сеќавања. И токму таа плуралност на наративот е она што создава обврска да разговараме слободно за сите написи, но исто така и со историска строгост, критички дух и взаемно почитување. Европа не почива на бришењето на различностите, туку на капацитетот да живееме заедно, но исто така и заедно да градиме заедничка рамка во којашто различноста ќе може да го даде целиот свој одраз. Оваа заедничка рамка ги одразува конкретно европските споделени вредности – достоинството, слободата, еднаквоста, плурализмот, демократијата, заштитата на правата, слободата на изразување и можноста секој да си го најде своето место во општеството“, рече амбасадорот Ле Риголер.

Муцунски рече дека пристапувањето во ЕУ треба да придонесе за трансформација на општеството и зајакнување на институциите, а не за промена на националниот идентитет. Тој се обрати на учесниците на настанот, меѓу кои спаѓаат млади истражувачи и активисти од земјите на ЕУ и Западниот Балкан, истакнувајќи дека „проширувањето на Европската Унија не е само инвестиција во стабилноста на нашиот регион, туку и стратешка инвестиција во сопствената безбедност, сила и иднина“.
На отворањето беше претставена и изложбата „Солидарноста како иднина“, составена од избор на значајни дела од европските збирки на Музејот на современата уметност – Скопје, со посебен акцент на колекцијата создадена по земјотресот во 1963 година преку меѓународни донации и уметничка солидарност. Изложбата го поставува прашањето како тој историски чин на солидарност може да се чита и како вредност за сегашноста и иднината.

„Европските дијалози“ се дел од програмата „Споделени хоризонти“, иницирана од Франција во 2024 година со цел да ги поттикне младите од шесте земји на Западен Балкан да разговараат за заедничкото историско наследство и европската иднина. Проектот е финансиран од француското Министерство за Европа и надворешни работи и опфаќа активности поврзани со младинска мобилност, заштита и вреднување на наследството, борба против дезинформации и говор на омраза и поттикнување јавна дебата.
Денешната програма е посветена на историјата и споделеното наследство. Од 18 часот во Инокс центарот ќе се одржи јавната дебата „Историјата како бојно поле?“, а од 19:30 часот следува разговор за антифашизмот, демократските борби, сеќавањата и идеолошките наследства.

Во четврток ќе се разговара за родово базираното насилство, ЛГБТ+ движењата во Европа и иднината на независната културна сцена. Меѓу јавните дебати е и панелот „Колку борбата против дезинформациите ја ограничува слободата на информирање?“, што ќе се одржи во Инокс центарот од 18 часот, со учество на претставници на Фондацијата „Метаморфозис“, француското списание за мислења и идеи AOC (Analyse Opinion Critique) и здружението на граѓани „Зашто Не“ од Босна и Херцеговина.
Последниот ден, 2 октомври, ќе биде насочен кон прашањето за иднината на Европа. Најавени се тркалезна маса „Каква Европа сакаме утре?“ и Европски младински парламент посветен на европските вредности, социјалната, еколошката, економската и културната димензија на идната Европа. Програмата завршува во Лабораториум со музички дијалог Париз–Скопје.
Целосната програма, со информации кои сесии се отворени за јавноста, е објавена на веб-страницата на Францускиот институт во Скопје.
