Во Скопје отворена првата градска биотехнолошка лабораторија

Фото: Град Скопје

Во скопското средно училиште „Марија Кири – Склодовска“ денеска беше отворена првата градска биотехнолошка лабораторија. На настанот присуствуваа и се обратија Данела Арсовска, градоначалничка на Град Скопје, Армен Григоријан, постојан претставник на УНДП и Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ.

Со отворањето на оваа биотехнолошка лабораторија од страна на Град Скопје, УНДП и УНИЦЕФ, се формира Национална иницијатива за трансформација на биоотпад, био-хакирање и биотехнологии која ќе поттикне иновации и ќе инспирира ангажман и активност од различни заедници во земјата за изнаоѓање решенија за заштита на животната средина.

Биотехнолошката лабораторија ќе ја доближи науката до учениците, студентите и академскиот сектор, како и до граѓански сектор, претприемачите и иноваторите и ќе овозможи дизајнирање на трајни решенија за комплексните еколошки предизвици. Во оваа лабораторија се вклучени пионерите во академскиот и од деловниот сектор, кои можат да ја предводат промената за здрава животна средина.

„Неа ќе можат да ја користат средношколците и студентите, професорите, претприемачите и сите кои имаат желба да се занимаваат со наука и сакаат да допринесат во општеството, со тоа што ќе отпочнат со процеси кои водат кон рециклирање и реупотреба на биоотпадот“, истакна градоначалничката Арсовска.

Таа додаде дека можеби најважно е тоа дека Градот Скопје заедно со своите средни училишта, конкретно со оваа биолабораторија во средното училиште „Марија Кири – Склодовска“, со депонијата „Дрисла“ и со сопствените ресурси прави еден сеопфатен процес.

„Со оваа лабораторија не само што ќе придонесеме за овој процес, туку и комплементарно се надополнува сето она кое што се обидуваме да го направиме во делот на животната средина, а тоа е покрај оваа лабораторија оваа година се набавуваат и две нови биокомпостари со кои ќе може да се најде навистина квалитетна употреба на сето она што досега ниту било рециклирано за повторно да може да се употребува“, додаде Арсовска.

Во отворената градска лабораторија ќе може да се експериментира со трансформација на биоотпадот, како и со биотехнологии како влезна точка во создавањето претприемачки можности за што позелена иднина.

Биоотпадот во сочинува 45,6 отсто од целокупниот отпад произведен во земјата. Поголемиот дел од овој отпад, околу 95 отсто завршува на депонии и полиња, испуштајќи гасови со ефект на стаклена градина и со тоа придонесува за низа еколошки предизвици за нашето општество.

Лабораторијата има и компонента за микробилогија и молекуларна методи кои ќе биде појдовна точка за eдукативна надоградба и на јавноста, како и за академски граѓани кои ја започнуваат својата кариера во делот на биотехнологиите.

Во отворената градска лабораторија под надзор на професионално обучено лице ќе може да се направат иновативни производи од биоотпад, било тоа да е од кора од портокал, отпад од кафе, банана и слично во насока на создавање на нови природни материјали, односно да се трансформира отпадот во етерично масло што би се пласирало на пазарот или концептот да се презентира пред инвеститори. Во лабораторијата ќе може иноватори, претприемачи, ученици, наставници и цела заинтересирана јавност, да тестираат идеи, учат и да експериментираат во насока на креирање на иновации.

Дополнително во лабораторијата ќе има простор да се работи и на друг тип на иновативни решенија во областа на биотехнологиите како на пример истражување на структурата на ДНК или демонстрирање како работи PCR машина.