Со дебата под наслов „Лекција од Сребреница: Од говор на омраза до геноцид“, синоќа во Скопје беше одбележана 30-годишнината од геноцидот врз Бошњаците во Сребреница. Настанот, организиран од група граѓански организации, се одржа во Инокс – Иновативен центар на Градскиот плоштад, како дел од поширока иницијатива за едукација и сеќавање која ќе трае низ целиот јули.
Настанот го отвори Мерсиха Смаиловиќ, која се осврна на прашањето зошто е важно да се зборува за Сребреница денес и зошто е опасно нејзиното негирање.
Таа потенцираше дека „Негирањето на геноцидот во Сребреница и говорот на
омраза сè уште се присутни во јавниот простор,а тишината повеќе не е опција“. Дебатата започна со прикажување краток документарен филм подготвен од Меморијалниот центар Сребреница. Потоа следуваше излагање од Деспина Ковачевска, специјалистка за мониторинг на медиуми од Фондацијата Метаморфозис и Емир Хасановиќ аналитичар за меѓународни односи.
Хасановиќ истакна дека, покрај сеќавањето на геноцидот, неопходно е да се градат и алтернативни наративи – такви што ќе обединуваат наместо да разделуваат, и кои ќе ја истакнат културата, историјата и бошњачкиот идентитет како нераскинлив дел од заедничкото општество. Тој посочи дека е од особена важност да се приближи бошњачкиот идентитет до македонскиот народ, преку развивање пријателства, меѓусебна почит и поголема поврзаност меѓу двете држави.
Ковачевска во своето излагањето презентираше конкретни примери за тоа како дезинформациите во медиумите предизвикуваат говор на омраза, но и потенцијални решенија за справување со овој феномен. Овие примери се собрани во рамки на проектите „Мрежата за борба против дезинформациите во Западен Балкан“, што го спроведува Фондацијата Метаморфозис, и „Мрежа за известување за различности“ од Иновативни медиуми. Двата проекта имаат за цел да го анализираат медиумскиот дискурс, да ги идентификуваат формите на дезинформации и говор на омраза, и да понудат алатки за промовирање на инклузивно, одговорно и професионално новинарство. Негирањето на геноцидот: политичка алатка и опасност од малигно странско влијание
Наративите кои го негираат геноцидот, манипулираат со бројот на жртвите, често добиваат политичка позадина. Ова не е само искривување на историјата, туку и опасна манипулација која има далекусежни последици врз општеството и процесот на помирување. Уште поопасно, овие наративи можат да бидат и алатка за странско малигно влијание.
Важноста на сеќавањето на геноцидот во Сребреница денес Геноцидот во Сребреница, кој се случи во јули 1995 година, претставува едно од најмрачните поглавја во поновата европска историја. Извршен од силите на Војската на Република Српска под команда на Ратко Младиќ, овој масакр е најголемото злосторство на европско тло по Втората светска војна. Над 8.372 лица беа сурово убиени, а илјадници други беа присилно раселени од своите домови. Потресните податоци покажуваат дека жртвите биле пронајдени на 150 различни локации, од кои 77 се масовни гробници.
Негирање на геноцидот е кривично дело. Негирањето на геноцидот и воените злосторства претставува кривично дело во Северна Македонија, како и во сите земји-членки на Советот на Европа. Признавањето на геноцидот во Сребреница е официјално утврден од Меѓународниот кривичен суд во Хаг и бројни меѓународни институции – е клучен чекор кон помирување и спречување на вакви злосторства во иднина.
Неказнивоста, пак, ја продлабочува неправдата и го попречува процесот на трајно помирување. Само преку вистинска правда и одговорност може да се обезбеди дека ваквите трагедии никогаш нема да се повторат. Сеќавањето на Сребреница денес не е само потсетник на минатите ужаси, туку и силен повик за акција. Тоа нè обврзува да се бориме против негирањето, да го осудуваме говорот на омраза и да промовираме вредности на мир, толеранција и човекови права.