Во Скопје одбележан роденденот на Горан Стефановски, легендарен деец на современата македонска култура

Игор Стефановски држи говор посветен на татко му Горан Стефановски на 27 април 2025. Фото: Мета.мк.

Во срцето на скопското Дебар Маало денес беше одбележан 27 април, роденденот на драматургот и јавен интелектуалец Горан Стефановски (1952-2018), чии драми и стихови имаат култен статус во современата македонска култура.

Прославата се одржа во паркчето пред седиштето на Општина Центар каде од 2020 година е поставена статуа на Горан Стефановски како седи на клупа веднаш до чинарот засаден во негова чест. Локацијата е на околу 200 метри од местото на семејната куќа на семејството Стефановски, една од првите изградени во Дебар Маало во дваесеттите години на XX век.

Програмата на настанот наречен „Горан е тука“ опфаќаше настап на музичката група „Аудио Скопје“ со изведби на македонски рок-песни, пантомима, живи статуи и читање текстови од и за Горан од негови пријатели актери и уметници.

Покрај настапот на „Аудио Скопје“ на настанот имаше и перформанс со живи статуи. Фото: Мета.мк.

Во име на семејството, синот Игор Стефановски одржа говор во форма на обраќање до таткото со кој го извести за случувањата поврзани со одржувањето на неговата оставштина, од тоа како и каде се шири гласот за неговото дело преку изведби на претстави, до успесите на блиските како триото на братот Влатко Стефановски во кое како тапанар свири внукот Јан.

Горан беше автор на голем дел од текстовите на песните на „Леб и сол“ и подоцна од соло кариерата на Влатко, кој присуствуваше на настанот. Така, информациите дека четири илјади луѓе ја пееле „Скопје“ во Сава Центар во Белград на неговиот концерт беше проследена со аплауз од присутните. Меѓу другото, Игор алудираше и на нишката на активизам што се поврзува со духот на Горан Стефановски, информирајќи дека неговата сопруга се бори за вредностите на заштита на животната средина како кандидат на зелените на локалните избори во селото Веј во Кент. Во улога на диџеј, Игор Стефановски и приреди музички сет.

Како драматург и едукатор, прво на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Горан Стефановски стекна култен статус на југословенско ниво во седумдесеттите и осумдесеттите години на XX век. Во текот на скоро петдецениската кариера пишуваше радиодрами, ТВ-серии и театарски претстави, во голем број случаи работени заедно со режисерот Слободан Унковски. Меѓу нив се делата „Диво месо“, „Хај-фај“, „Лет во место“, „Црна дупка“, „Зодијак“, „Демонот од Дебар Маало“, сценариото за филмот „До балчак“, како и образовната серија за деца „Бушава Азбука“.

 

 

Горан Стефановски последните три децении од животот ги помина во дијаспората, по преселбата во Англија со семејството во годините на распадот на Југославија, по 1990. година. Има работено како предавач на Универзитетот во Кент и Универзитетот во Кентербери Крист Чрч, и како визитинг професор на Драмскиот институт во Стокхолм, Шведска. Покрај меѓународната активност, тој и по независноста остана присутен и во македонската јавност како јавен интелектуалец, есеист и предавач.

Во пресрет на денешниот настан беше обновен и муралот посветен на Горан Стефановски во Дебар Маало. Фото: Мета.мк.

Настанот во спомен на Горан Стефановски беше организиран од здружението на граѓани Тим Театрос К од Скопје, со поддршка на Општина Центар.