За помалку од 48 часа од промоцијата на „новото“ име, и во Скопје и во Атина се бара излез и од оваа нова ситуација. Премиерот Зоран Заев, на лидерската средба доби поддршка (значајна) само од коалицискиот партнер ДУИ, но изостанаа другите чинители.

Неговиот грчки колега, Алексис Ципрас, помина уште полошо – доби цврсти четири „не“ од партиите и едно завиено „не“ од претседателот на државата. Внатрешната штета за Ципрас допрва ќе се мери, оти ниту една партија од коалицијата не застана зад него, а во последните мигови од новиот предлог се дистанцираа и Мицотакис, па дури и комунистите, кои ја држат анти-НАТО линијата.

Што ќе се случува оваа недела на полето на преговорите?

Министрите за надворешни работи – Димитров и Коѕиас – ќе имаат нова средба во САД. Коѕиас таму ќе одржи серија разговори в четврток и в петок – 24 1 25 мај. На средбата со Димитров ќе присуствува и медијаторот Метју Нимиц.

Грчката влада еден ден по обелоданувањето на предлогот за „Илинденска“ излезе со воопштено соопштение.

Во него се вели „го поздравуваме тоа што од страна на БЈРМ е прифатено дека решението на проблемот со името не може да биде без ерга омнес, односно употреба на новото име насекаде и од сите“.

Грчката влада повика „да се продолжи со соработка во барањето на заедничко прифатливо име со временска или географска одредница“ и потсети дека секое решение подразбира и промена на Уставот.

Премиерот Заев во саботата по лидерската средба ги повика „сите политички сили во општеството, сите групи и заедници да се приклучат за да ја искористиме оваа историска шанса за дефинитивен заеднички успех за Македонија“.

– Република Илинденска Македонија е име со кое го зајакнуваме темелот на нашата Република, a Илинден значи историски континуитет на нашите стремежи, нашата државност и нашата гордост. Илинден е нашето славно минато, Илинден е и нашата светла иднина – рече Заев.