Извор на фотографија: Влада на РСМ

Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1.667 и има околу 360 празни болнички кревети, соопшти Министерството за здравство, според податоците добиени во последните 24 часа.

Во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се на лекување 970 пациенти. Во Битола се хоспитализирани 134, во болницата во Штип 93, на инфективното одделение во Тетово има 39, во Велес 96 болни, а во Куманово 100 пациенти. Во ковид центарот во Охрид се лечат исто така, 100 пациенти, во Прилеп 107, во Гостивар 45, а во Струга 21 болен. Во болницата во Струмица се хоспитализирани 93 пациенти, во Кочани 23, во Кичево 31, во Кавадарци 64, а во Гевгелија 24 лица.

Во последното деноноќие во ковид центрите во Скопје се примени 64 нови пациенти, а вкупно 697 лица сомнителни и потврдени за ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели. На Интерните и хируршките клиники имало 11 приеми. Во ГОБ „8 Септември“ биле примени 8 нови пациенти, еден на Инфективната клиника, во Козле 5 нови болни, 8 на Клиниката за Детски болести и 4 на Институтот за физикална медицина. Дома се пуштени 53 оздравени пациенти.

Во моментов во ковид центрите на Интерните и на хируршките клиники се лекуваaт 287 болни. Во ГОБ „8 Септември“ лежат вкупно 139 лица, на Клиниката за инфективни болести има 146 пациенти, во Институтот за белодробни заболувања кај деца Козле се лекуваат 65 пациенти, на Клиниката за детски болести 23 деца, на ГАК има 5 позитивни пациентки, а на Институтот за физикална медицина и рехабилитација се на лекување 65 болни.

Утрово до 8 часот имало 90 слободни места, а се очекува во тек на денот, по направените исписи на оздравени пациенти, да се ослободат и дополнителни места.