Одбележувањето на стогодишнината од раѓањето на првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров, денеска во Штип, на едно место собра пратеници од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ, советниците во Општината од двете партии, борци од НОВ, граѓани и пријатели, кои заеднички му оддадоа почит на поранешниот претседател на државата.
Родниот град на Глигоров денеска првпат одбележува датум поврзан со неговиот живот. Градоначалникот на Штип, Илчо Захариев, говорот на свеченоста го почна со констатацијата дека ваков настан треба да се одржува на државно ниво, бидејќи Глигоров беше една од најзначајните личности од македонската историја.
– Неспорни се заслугите на Глигоров за македонската државност. Заедно со Јосип Броз Тито е потписник на Уставот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија (СФРЈ) од 1974 година, со кој Македонија ги утврди денешните граници. Штип треба да го одбележува и денот на неговата смрт. Скромен, каков што беше, и последното испраќање по негова желба беше скромно, без државни и црковни почести. Некој нов Совет (на Општината, н.з.) треба да даде иницијатива за одбележување на сите значајни штипјани, како Михајло Апостолски, Глигоров… Дали ќе биде тоа спомен-куќа, споменик или спомен-обележје, независно, важно е да има нешто по што ќе ги паметат и ќе се сеќаваат идните генерации – рече Захариев.
Соња Николова, доктор по историски науки, потсети дека Глигоров, заедно со Емануел Чучков и со Михајло Апостолски, е еден од од шесттемина иницијатори за организирање на АСНОМ.
Инаку, Киро Глигоров е роден на 3 мај 1917 година во Штип. Како политичар, во рамките на поранешната југословенска федерација ги вршел сите значајни функции, вклучително и претседател на Сојузното собрание на СФРЈ, од 1974 до 1978 година. На 27 јануари 1991 година е избран за прв претседател на самостојна и суверена Република Македонија од страна на Собранието на Република Македонија. На 3 октомври 1995 година преживеа атентат, еден ден по потпишувањето на договорот со Слободан Милошевиќ за меѓусебно признавање на Македонија со тогашна СР Југославија. На 8 април 1993 година Глигоров првпат се обрати на македонски јазик на говорницата на Обединетите нации, кога Република Македонија под привремена референца БЈРМ стана 181. членка на Обединетите нации.
Глигоров почина на 1 јануари 2012 година, во својот дом во Скопје, во 94. година од животот.