Фото: Арбнора Мемети

Државната изборна комисија (ДИК) информира дека во текот на денешниот ден за Предвремените избори за Градоначалник на општина Штип и Пласница, своето право на глас ќе можат да го остварат лицата кои се на издржување казна затвор или се во притвор и болните и немоќните лица.

„На гласачките места во казнено поправните установи на територијата на РСМ своето гласачко право денеска ќе можат да го остварат 67 гласачи кои се од општина Штип и 1 гласач од општина Пласница“, информираат од ДИК.

Сите гласачки места во казнено поправните установи се отворени утрово во 7:00 часот и гласањето таму ќе трае до 19:00часот. До овој момент гласањето тече без никакви проблеми.

Во текот на денешниот ден избирачките одбори ќе го спроведат и гласањето на лица кои се болни или немоќни, или во куќен притвор, а до општинските изборни комисии доставиле известувања со соодветна документација. Во своите домови гласачкото право ќе го остварат 142 гласачи кои се пријавиле како болни или немоќни, и тоа 66 гласачи во општина Штип и 76 гласачи во општина Пласница.

Денеска се спроведува и гласање во еден центар за вонсемејна грижа, каде што се сместени 2 гласачи кои се од општина Штип.

Инаку, вчера на предвремените локални избори во Штип гласаа болните од ковид-19 и лицата кои се во самоизолација. Од вкупно 12 лица кои се пријавиле за гласање во Штип, сите го искористиле правото на глас за избор на градоначалник на овој град. Како што информира Државната изборна комисија, во општина Пласница, каде што исто така се избира градоначалник на предвремени избори, денеска немаше пријавени лица за гласање.

Во Штип и Пласница утре ќе се одржат избори за избор на нови градоначалници на овие две општини.