Државниот завод за статистика во текот на септември регистрирал намалување на бројот на издадени одобренија за градење на објекти и на станови на територијата на земјава. Во овој период се издадени 214 одобренија за градење, што е за 2,3 отсто помалку во однос на истиот период од минатата година.

Според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува 1.988.722 илјади денари, што е за 3 отсто помалку во споредба со септември 2018 година.

Од вкупниот број издадени одобренија за градење, 122 (57 отсто) се наменети за објекти од високоградба, 25 (11,7 отсто) за објекти од нискоградба и 67 (31,3 отсто) за објекти за реконструкција. Од вкупно 214 објекти, на 140 (65,4 отсто) како инвеститори се јавуваат физички лица, додека во останатите објекти ќе вложат деловни субјекти.

Во септември 2019 година биле издадени одобренија за изградба на 176 станови, со вкупна корисна површина од 20.383 метри квадратни. Во споредба со идентичниот период лани, бројката на предвидени станови за градење е намалена за 64,4 отсто. Најмногу одобренија за градење на нови станови биле издадени во скопскиот регион, на чија територија во претстојниот период ќе треба да се изградат 63 станови.