Жителите на гевгелиското село Моин се најблиску до бунарите од водоводниот систем на Гевгелија, но тоа не им е предност во однос на испораката на водата и на нејзиниот квалитет. Велат, иако е отровна, со арсен, ја немаат редовно во домовите ниту за основна хигиена.
– Можеш да се разбудиш во пет часот наутро за работа, а да не можеш да си измиеш очи за да се расониш, а не, пак, да се истушираш. И таа што ја добиваме ја добиваме нередовно, а исто плаќа и тој што нема дома вода, и тој што си го полева лозјето во дворот – вели жител на Моин.
Покрај за нередовната испорака, моинчани се жалат и на неквалитетната вода. Знаат за присуството на отровниот арсен, знаат дека многумина од селото страдале и починале од карцином, но се жалат дека најголемиот број од жителите имаат проблеми и со болести на забите.
Вчера граѓанската иницијатива „Арсена“ и здружението на граѓани „Патокази“ го презентираа документарниот филм „Арсеновиот пат од бунар до чешма“.
Од „Арсена“ најавија петиција за заштита на потрошувачите кои се приклучени на градскиот водоводен систем од обврските да плаќаат за чиста вода, а дома да им испорачуваат низ чешмите отровен арсен.
– Бунарите се незаштитени од канализациониот отпад. Во селото има 70 куќи и сите уште имаат септички јами. Пред некој месец овде Општината почна градба на фекална канализација, ама истата ја поставија на 20 сантиметри од водоводната мрежа, а згора на тоа и сè уште не е пуштена во функција. Вака се загрозени и водите на Конска Река и бунарите и сегашниот водоводен систем – велат од „Арсена“.