Фото: Принтскрин од видео преносот од УНЕСКО

Високи дипломатски претставници во УНЕСКО од Албанија, Франција, Чешка, Словенија, Србија, Тунис и Шведска денеска прочитаа дел од поезијата на Блаже Конески на настанот организиран во седиштето на УНЕСКО во Париз по повод 100-годишнината од раѓањето на великанот на македонската култура Блаже Конески и Светскиот ден на поезијата – 21 Март. Поезија од Конески на македонски читаше Ѓоко Здравески, лектор по македонски јазик во Парискиот институт ИНАЛКО, додека краткиот осврт „Блаже Конески – виртуоз на поетскиот јазик“ на француски го прочита македонската поетеса Тања Кармзова Костиглиола.

Претседателот на државата, Стево Пендаровски преку видео порака за Конески кажа дека е квинтесенција на поетскиот јазик во чиј опус се вградени мудроста и предизвиците на постоењето.

Поезијата на Конески Пендаровски ја опиша како длабокорефлексивна и јасна кога станува збор за интимните патеки на човекот, но и општествените премирања и воопшто за сите бездни на животот.

„Конески суптилно ја објаснува граматиката на животот, создавајќи арматура врз која се потпира не само континуитетот на нашата култура, туку има свој придонес и за светското поетско и духовно наследство“, рече Пендаровски.

Тој додаде дека Конески и како поет и како лингвист инсистираше да се биде постојано посветен и критичен читател и толкувач на светот.

„Тивок во зборот, но моќен во мислата. Во овие бучни времиња, тишината на неговата поезија говори, артикулира, аргументира на благороден начин. Во неговото творешство се вградени нашето минато, сегашност и иднина“, рече Пендаровски.

Министерката за култура, Ирена Стефоска во своето видео-обраќање потенцираше дека денешното чествување на Конески претставува омаж на универзалните дострели на поезијата и на јазичната разноликост во светот.

„Сто годишнината од раѓањето на Конески е запишана во календарот на значајни јубилеи одржани од УНЕСКО во 2020 и 2021 година. Тоа е признание не само за неговиот удел во културната изградба на нашата земја, туку и за улогата што поетскиот збор ја игра во денешниот свет“, рече Стефоска, додавајќи дека не случајно неговите песни денес во УНЕСКО не ги слушнавме само на македонски, туку и на други јазици.

Поетскиот збор не познава граници и не смее да познава, рече Стефоска

Во текот на културниот настан, амбасадорката Јадранка Чаушевска Димов официјално ги објави имињата на лауреатите на „Златниот венец на Струшките вечери на поезијата” и на наградата „Мостови на Струга“.

Оваа година, Златниот венец ѝ припадна на Керол Ен Дафи, родена во Глазгов во 1955 година, една од најзначајните современи поетеси во Велика Британија, авторка на педесетина книги и досегашна добитничка на значајни книжевни награди и високи одликувања, меѓу кои и почесните титули Дама-заповедник на Редот на Британската Империја (2015) и Поет-лауреат на Обединетото Кралство (2009-2019).

Наградата за дебитантска поетска книга доделена во соработка со УНЕСКО, „Мостови на Струга“, му припадна на Владан Кречковиќ, роден во Белград во 1988 година. Наградената книга „Париз, Тексас“, насловена според култниот филм на Вим Вендерс, на еден мошне суптилен и непретециозен начин говори за љубовната разделба без патетика и нуди поинаква перспектива на оваа вечна тема.

Настанот е дел од Националната програма „2021 – Година во чест на Блаже Конески”, која се реализира под покровителство на претседателот Стево Пендаровски, Министерството за култура, во соработка со Министерството за образование и наука.