Во САД претставен првиот товарен воз на батерии што полни енергија од кочење

Хибридна локомотива што ги полни батериите од кочење; Фото: Wabtec Corporation

Првиот товарен воз во светот што е придвижен од хибридна локомотива на батерии што произведува енергија од кочењето деновиве беше претставен во Питсбург, САД, јавува Гардијан. Овој иновативен проект претставува нов обид на американските власти да ги намалат емисиите на јаглерод диоксид од железничкиот транспорт, со цел да се справат со климатските промени.

Железничкото транспортно претпријатие Вабтек ја презентираше новата локомотива на Универзитетот Карнеги Мелон, која што е технолошки потфат на две организации кои се стремат да постигнат нулта емисија на стакленички гасови при товарниот железнички сообраќај.

Станува збор за локомотива која е составена од систем на батерии. Иако и понатаму е придвижена на фосилно гориво, локомотивата ја користи испразнетата кинетичка енергија од кочењето на возот, која се користи за полнење на батериите. Најновата технологија вградена во ваквата локомотива предвидува батерии со моќност од 7 мегавати.

Американците поретко патуваат со воз во споредба со останатите развиени земји од Западна Европа, Јапонија и Кина, но во товарниот превоз со возови годишно се транспортираат околу 1,7 милијарди тони стоки.

Најголем дел од железничката инфраструктура во САД се состои од неелектрифицирани пруги, по кои сообраќаат дизел локомотиви кои ги придвижуваат товарните вагони. Се чини дека иновативната локомотива која се придвижува на литиум-јонски батерии би можеле да бидат одлична алтернатива на електрификацијата на пругите, која би го чинела огромни средства американскиот буџет.

Истражувањето направено во Калифорнија покажува дека иновативната локомотива успеала да ја намали потрошувачката на дизел гориво за 11 отсто, додека следната генерација на овие локомотиви што ќе бидат изработени по две години, треба да ја намалат потрошувачката на гориво за третина.

Од компанијата Вабтек велат дека емисиите на јаглерод диоксид од локомотивите може да бидат целосно елиминирани преку развој на технологија што го користи водородот како гориво што би ги придвижувал овие превозни средства. Доколку ваквите нови технологии се искористат во меѓународни рамки, тогаш емисиите на стакленички гасови можат да се намалат за 300 милиони тони годишно.