„Проектот Бизон“ официјално со работа ќе започне следната година во државата Вајоминг во САД, а има за цел да го отстранува јаглеродниот диоксид од атмосферата. Овој проект кој го водат две климатски технолошки компании претставува најголем проект за зафаќање и складирање на јаглерод во светот и треба да им помогне на индустриите да ги исполнат своите нето-нула цели и да го забават забрзаното загревање на Земјата, јавува „The Hills“.
Објектот за директно апсорбирање на воздухот ќе биде составен од неколку големи модули со големина на контејнери за транспорт и ќе биде опремен со реактори, кои, во суштина, дејствуваат како филтри за апсорпција на јаглеродниот диоксид од воздухот. Откако филтрите ќе се „заситат“, тие се загреваат и апсорбираниот јаглероден диоксид го испумпуваат длабоко под земјата во солени водоносни слоеви, каде се складира трајно.
Во првата фаза закажана за 2023 и 2024 година, се очекува објектот да отстрани околу 12.000 тони CO2 годишно, но и да го зголеми капацитетот на околу 200.000 тони до 2026 година. До 2030 година, пак, се очекува количината на апсорбиран јаглероден диоксид да се зголеми на 5 милиони тони годишно, што е еднакво на годишните емисии од еден милион возила на гас.
За да се исполнат целите утврдени со Парискиот договор од 2015 година, Адријан Корлес, извршниот директор на „Carbon Capture“, една од компаниите вклучена во проектот, смета дека годишно ќе треба да се отстрануваат 10 милијарди тони јаглерод диоксид од атмосферата до 2050 година. Човечката активост е одговорна за ослободување на околу 40 милијарди тони CO2 во атмосферата секоја година.
„Целта во следните 25 години е да се намалат емисиите за околу 75 или 80 проценти, Мислам дека очекувањата да се оди подалеку од ова ќе се исполнат многу тешко, бидејќи има делови од нашата економија и индустрија кои е навистина тешко целосно да се декарбонизираат“, вели Корлес.
Тој додава дека овој проект ги претставува раните денови на она што треба да стане индустрија приближно голема колку што е индустријата за нафта и гас денес.
Засега не е познато каде во Вајоминг ќе биде лоциран проектот, а оваа држава била избрана поради достапноста на обновливи извори на енергија и нула јаглеродна енергија, како и поволната средина за складирање на јаглерод.
Инаку, сличен проект за складирање на јаглероден диоксид минатата година почна да функционира и во Исланд.