Во сабота во Битола изведба на проектот „Возот“, по повод 130 години од пругата Солун-Битола

Оваа сабота (26 јуни), со почеток од 20:30 часот, во продукција на Интимен Театар, ќе се случи проектот „Возот“, кошто е во склоп на Македонско – Грчки проект, организиран од културната организација „Дрезина“ од град Вериа, а самиот проект се организира по повод 130 години од изградбата на пругата Битола – Солун, информираат организаторите.

Во проектот учествуваат осум грчки градови и тоа, Солун, Александрија, Вериа, Наоуса, Едеса, Скидра, Аминдео, Лерин, како и Битола од македонска страна, претставувана од Интимен Театар. Во сите овие градови, на нивните железнички станици, на 26 јуни во 20:30 часот по македонско и 21:30 часот по грчко време, ќе се случат мноштво на културни настани, во знак на прослава на железничката линија Битола – Солун.

Овој настан е поддржан од Грчката Национална Железница, како и од Македонски Железници и се одржува како одбележување и на оваа 2021 година како „Европска година на железниците“.

Проектот на Интимен Театар „Возот“ е всушност театарска претстава, во која што настапуваат сите актери што гравитираат околу Интимен театар, а ќе има и ученици од театарската школа Фабрика за мечти.

„Мотото на нашата претстава е: „Интимен Театар за железницата“, со една единствена цел, а таа е да се промовира важноста на оваа линија Битола – Солун за целата локална заедница, како и за целата наша држава, а и да се потенцира практичноста и ефикасноста на превозот со воз. Битолскиот дел од проектот ќе се случи на самата железничка станица, во просториите на Ноќниот Клуб Јагода, додека другите осум градови ќе имаат свои културни програми на нивните железнилки станици“, се вели во нивното соопштение.