fbpx

Во руски ракетен напад врз станбен блок во Днипро загинаа најмалку 21 лице

-

Во ракетен напад врз станбен блок во украинскиот град Днипро, извршен од Русија, загинаа најмалку 21 лице, меѓу кои и едно дете, јави Укринформ.

Нападот се случил вчера, а бројот на загинати го потврди шефот на Регионалниот совет на Днипропетровскиот регион, Микола Лукашук. Повредени се 73 лица, меѓу кои 14 деца, додека украинските спасувачки екипи спасиле 38 лица. Во моментов 35 цивили се водат како исчезнати.

Во станбениот блок во Днипро погоден од руски проектил се разурнати два дела од зградата, при што биле уништени повеќе од седумдесет станови, а оштетени биле над  230.

Во новиот бран ракетни напади низ Украина се погодени и други градови, меѓу кои и Киев, Харков и Одеса, јави Би-би-си. Голем дел од земјата сега е без струја и осветлување откако проектили ја погодиле енергетската инфраструктура во градовите.

Во текот на вчерашниот ден, украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека руските напади врз цивилни цели може да се запрат само доколку западните партнери на Украина го снабдат неопходното оружје.

Претходно, Велика Британија соопшти дека ќе испрати тенкови „Челинџер 2“ во Украина за да помогнат во одбраната на земјата. Русија одговори дека обезбедувањето на повеќе оружје за Украина ќе доведе до интензивирање на руските операции и повеќе цивилни жртви.

Гардијан пренесе дека Министерството за одбрана на Обединетото Кралство ги испитува извештаите дека Русија планира да ја подигне горната граница за регрутирање од 27 на 30 години. Британското министерство вели дека постои можност руските власти да се надеваат оти ваквата промена ќе биде помалку алармантна од најавата за уште една рунда од непопуларниот процес на „делумна мобилизација“ што Путин го спроведе во септември.

Во меѓувреме, останува неизвесноста околу судбината на градот Соледар, за кој Русија тврди дека го освоила, наспроти негирањата од Киев. Двете страни признаа големи загуби во битката за овој индустриски град, кој е претворен во урнатини од интензивните борби.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.