На три археолошки локалитети, кои сведочат за постоење на рударска населба старa 5.000-6000 години, на потегот меѓу Штип и Радовиш, се пронајдени бројни артефакти, кои од синоќа се изложени на изложба во галеријата „Безистен“ во Штип.

Археолозите, кои работеле интензивно на ископување близу четири години, изнесоа податок дека населбата била напуштена, веројатно откако снемало руда, бидејќи немале технологија за длабинско истражување.

Во текот на овие современи истражувања, што ги направи рудникот „Бучим“ откриени се значајни резерви на бакар и злато, до кои тогашниот човек не можел да допре.

Овие археолошки истражувања се иницирани и платени со 360.000 евра од рудникот „Бучим“, чија законска обврска е да им овозможи на архолозите да го истражат теренот. Тоа беше услов рудникот да добие дозвола за експлоатација и да почне со работа.

Археолозите, при истражувањето откриле и нови, дотогаш непознати локалитети. Сите се рударски населби.

-Едната населба е од праисторија, од раното бронзено време и железното време, па до средниот век. Покрај тоа, се откри и една некропола, која датира од доцната антика и на крајот сите овие археолошки резултати се претставени во една изложба – рече Митко Штерјов, директор на НУ Завод и музеј на град Штип.

Оваа институција, која ги раководеше ископувањата со „Бучим“ склучи четири договори, а за потребите на ископувањата, рудникот направи пристапен пат, кој водел и до трасата за транспортната лента, преку која ќе се носи ископаната руда од „Боров дол“ до „Бучим“. Преку оваа транспортна лента, рудата ќе поминува неколку километри.

Заменик менаџерот на „Бучим“ Николајчо Николов најави дека на „Боров дол“ со експлоатација на руда ќе се почне вгодина во август.

– Сега сме во фаза на ископ на јаловина, досега имаме реализирано над шест милиони тони јаловина, од планирани 11 до 12 милиони тони. Работиме според планот и очекуваме следната година во ова време, дури и порано, во август, да почне да се транспортира руда од „Боров Дол“ до „Бучим“ и тоа ќе значи да се продолжи животот на рудникот за минимум десет години – зјави Николов.

„Боров дол“ дозволата ја доби во периодот кога јавноста во Јуоисточна Македонија се крена против изградбата на рудниците.

Деновиве дозвола за проширување на капацитетот доби и рудникот „Саса“, кој ќе врши длабински ископувања во земјата, на локалитетот каде е рудникот.