Советот за утврдување на факти и поведување постапка за утврдување одговорност на судија во првото тримесечје од оваа година, односно во периодот од 1 јануари до 31 март 2017 година, примил вкупно 121 иницијатива за утврдување одговорност на судија, стои во првиот квартален извештај на Советот.
Според извештајот, во вкупниот број на претставки и на поплаки, во јануари до Советот пристигнале 14, во февруари 53 и во март 54 иницијативи.
Од пристигнатите иницијативи во 2017 година, Советот отфрлил 83, од кои 69 како неосновани, пет недозволени, три застарени, две биле нецелосни, една ненавремена и три биле отфрлени со резолуција.
Во работа на Советот останале 38 претставки. За две од нив биле оформени предмети со назнака ДОВ, за седум предемети било побарано известување до претседател на суд, за девет предмети било побарано да бидат доставени списите од нив на увид и 20 предмети по кои Советот води понатамошна постапка.
Од пристигнатите иницијативи во 2016 година, на членовите на Советот за решавање во 2017 година им останале 63 претставки.
„Во периодот од 1 јануари до 31 март 2017 година не е донесена одлука за поднесување барање за поведување постапка за утврдување одговорност на судија или претседател на суд до Судскиот совет на Република Македонија“, стои во кварталниот извештај на Советот за утврдување на факти.
Инаку, на 28 март Специјалното јавно обвинителство (СЈО) до Советот за утврдување на факти поднесе претставки против судијките во Основниот суд Скопје 1, Елена Илиевска-Јосифовиќ и Татјана Михајлова, во кои бара против нив да биде поведена постапка за утврдување одговорност поради несовесно и нестручно вршење на судската функција.