Во периодот јануари – март годинава, 255 лица биле жртви на семејно насилство што е зголемување за 17 проценти во однос на истиот период минатата година, кога бројот на жртви изнесувал 217, покажува статистиката што МВР ја достави до Мета. Во 2018 година пак, оваа бројка била 236.
Бројот на сторители на овие кривични дела, исто така пораснал за 19 проценти. Оваа година во првото тромесејче евидентирани се 248 сторители, а минатата година 207 што е помалку во однос на 2018 година, кога бројот на сторители изнесувал 229.
Вонредните мерки со цел спречување на ширењето на коронавирусот, го активираше алармот кај невладините организации коишто се занимаваат со превенција и заштита на жртвите на семејно насилство. Тие уште на почетокот на пандемијата апелираа дека изолацијата дополнително ќе го зголеми ризикот за ваков вид на насилство.
Од Хелсиншкиот комитет предупредуваат дека во периоди на криза од овој вид, може да дојде до зголемување на степенот на семејно насилство, што не мора да значи зголемување на бројот на случаи, туку дека постои сериозна опасност постоечкото насилство да се интензивира.
„Освен мерката за непречено пријавување и за време на полицискиот час, државата не направи никакви напори во изнаоѓање на креативни решенија за превенција од насилство, ниту за олеснување на пријавувањето“ стои во месечниот извештај на Хелсиншкиот комитет.
Од Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство реагираа и по однос на двете убиства на жени (фемициди) за неполни две недели, кои како што велат, се знак дека системот потфрла во справуањето со семејно и родово базирано насилство.
Од Министерството за труд и социјална политика ги охрабрија жртвите да го пријават насилството на броевите за помош 02/157000 и 02/15315. Исто така, Националната мрежа против насилство врз жените и семејното насилство ги објави броевите за правна помош (071/464 019), психолошка помош (075/255 154) и за социјални права (071/324 223).