Покрај тоа што во изминатиов период ги реши сите заостанати предмети, Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер во предвидениот рок ги решава и жалбите кои пристигнуваат во моментов, информираат за „Мета.мк“ од Агенцијата.

Во првиот квартал од 2020 година до Агенцијата биле поднесени 109 жалби од страна на барателите на информации од јавен карактер, од кои десетина се на новинари и новинарски асоцијации, додека останатите жалби во најголем дел се поднесени од здруженија на граѓани и физички лица. Во истиот период од минатата година биле поднесени 171 жалба.

Од Агенцијата велат дека веќе изготвиле решенија по сите доставени жалби во првите три месеци и истите веќе се доставени до имателите и до барателите на информации од јавен карактер. Тие постапуваат по сите жалби согласно своите надлежности наведени во Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, односно го запазуваат рокот од 15 дена од нивното доставување од страна на жалителите.

Со владината одлука од 9 април за прераспределба на средства меѓу буџетските корисници поради епидемијата со корона вирусот, годинешниот буџет на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер е намален за 419.000 денари. Сепак, од Агенцијата велат дека намалувањето на буџетските средства не се очекува да има влијание врз нивното работење во претстојните месеци.

Покрај тоа што активно постапуваат по тековните жалби доставени од барателите на информации, од Агенцијата истакнуваат дека по изборот на директор и заменик директор на крајот од минатата година се почувствувале значајни промени во нивното работење. Сите заостанати предмети од минатата година се решени, изготвен е Годишниот извештај за работењето на Комисијата во 2019 година, донесено е Упатството за спроведување на новиот Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер, формирана е Прекршочна комисија, изготвени се задолжителни подзаконски акти, а работат и со тим од ИПА-проект од областа на транспарентноста и антикорупцијата.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.