fbpx

Во приватниот ОХИС државата немала ингеренции за другите отрови, само за канцерогениот линдан

-

Освен за линданот, Министерството за животна средина не било инволвирано во процесот на чистење на ниедна друга опасна хемикалија од кругот на ОХИС, бидејќи некогашниот хемиски гигант сега претставува приватна сопственост. Ова на денешната прес конференција во Министерството, по петочниот инцидент, во кој истече непознато количество на метил акрилат мономер помешан со вода, го соопшти министерот за животна средина Насер Нуредини. Според МЖСПП, тендерот за чистење на опасната хемикалија од кругот на некогашната хемиска фабрика која сега е во стечај бил распишан од страна на стечајниот управник на ОХИС, по налог на доверителите на оваа фабрика во стечај, а не на Министерството.

На новинарите им беше објаснето дека всушност стариот отпад произлезен од некогашната фабрика ОХИС е во надлежност само на сопствениците на ОХИС и дека Министерството нема надлежност над статусот и иднината на сите отровни материи кои сега се депонирани во кругот на фабриката.

„Ние како Министерство бевме инволвирани само така што бевме консултирани од страна на доверителите на кој начин треба да се избере компанијата која може да се јави на тој тендер. Како Министерство немавме никаква одговорност во таа постапка“, рече Ана Каранфилова Мазневска, раководител на секторот за управување со отпад.

Таа појасни дека фирмата која го доби тендерот имаше обврска да го изготви елаборатот за оценка на влијанието врз животната средина и врз основа на тоа Министерството издало решение во кое се пропишани сите мерки и активности кои таа фирма треба да ги исполни во процесот на ракувањето, пакувањето, складирањето и транспортот на хемикалијата и дека на Државниот инспекторат за животна средина било оставено да врши редовни контроли над спроведувањето на постапката.

Надлежните државни органи немаат комплетен увид какви се опасни хемикалии има денес во кругот на фабриката ОХИС и не може да одговори на прашањето на какви се влијанија од постоечките хемиски агенси може да имаат граѓаните кои живeат во околината на некогашната фабрика ниту пак вработените во фирмите кои закупуваат простор и работат во кругот на некогашен ОХИС.

„Во зависност на типот на инсталацијта и типот на дејност која се врши, фирмата се обраќа или до Министерството за животна средина или до локалната самоуправа со барање за издавање на дозволи и елаборати за оценка на влијание врз животна средина“, рече Каранфиловска.

Денес надлежните немаа одговор ниту за тоа колку вкупно фирми денес работат во кругот на ОХИС и со какви се дејности се занимаваат. Овој податок не можеше да даде ниту Пејо Кировски, државен инспектор за животна средина кој беше присутен на прес-конференцијата,  кој беше надзорот над работењето на „Еко Центар 97“, кој го добил тендерот за чистење на метил акрилат мономерот бидејќи, како што објасни, дел од фирмите кои работат во ОХИС имаат Б интегрирани дозволи или работат со елаборати и според тоа се во надлежност на Општина Кисела Вода и на Град Скопје.

Инаку, „Еко-центар 97“, како што информираа на денешната прес-конференција, за пакување и транспорт на опасната хемикалија ангажирала подизведувач од Бугарија, а за понатамошната судбина на метил акрилатот ќе се дознае кога изведувачот ќе ги добие потребните дозволи од сите седум земји низ кои треба да помине опасниот транспорт.

Сепак, како што истакна министерот Нуредини, сите мерки се преземени од страна на надлежните институции да се дознае што точно се случило, да се види дали имало опасност и дали сè уште постои ризик.

„Сакаме да ве увериме дека ситуацијата е под контрола, нема загадување на водухот. Сите мостри се земени, се чекат анализите и врз основ на резултатите и врз основ на нив инспекторатот ќе превземе мерки“, рече Нуредини.

Ниту Нуредини, ниту претставникот на Државниот инспекторат за животна средина не знаеја да кажат дали фирмата која го добила тендерот за чистење на метил акрилатот имала обврска да постави 24-часовен надзор над работата и над третираната хемикалија.

Инспекторот Кировски информираше дека се работи за инцидент во кој се случило излевање на вода од цистерна во која порано имало метил акрилат мономер при испирањето на цистерната дошло до дефект на вентилот при што течноста била пролеана во бетонска када која служи како заштита да не дојде до загадување на почвата во случај на излевање.

„Од страна на инспекторатот е даден налог веднаш да се прибере течноста од која се ширеше интензивна миризба која малку ги вознемири граѓаните, но се заврши до 20,30 часот, површината беше препокриена со струготини од дрво, а потоа тие на 9 ноември беа собрани, кадата дезинфицирана со варова вода што беше констатирано со вонреден инспекциски надзор“, рече Кировски.

Инспекторот не можеше да даде одговор колкаво количество на штетната материја било испуштено во инцидентот бидејќи ги чекаат резултатите од анализата на мострите кои ги зеле екипите на АРМ и кои се дадени на анализа.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...