Во рамки на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, синоќа беше отворена изложбата „Музеј во движење“, омаж на три легендарни актери: Кирил Ристоски, Благоја Спиркоски – Џумерко и Благоја Ристоски – Платнар. Изложбата е поставена на неколку локации низ градската чаршија, со фотографии, лични предмети и артефакти што го раскажуваат нивниот живот и театарско дело.
„Прилеп имал, има и ќе има театарски уметници. Театарот за разлика од другите медиуми не може да биде зачуван на ниту еден адекватен начин освен преку пишаните, снимените, фотографираните и раскажаните податоци“, рече уметничката директорка на фестивалот, Ана Стојаноска. Таа додаде дека одлучила приказната да ја раскаже надвор од стерилните институционални услови, таму каде што актерите се најмногу свои: низ чаршијата.
Авторите на изложбата, Звонко Димоски и Стојаноска, преку визуелна и документарна презентација овозможија посетителите да зачекорат во светот на тројцата уметници, спојувајќи ја интимата со јавниот живот. Настанот беше емотивен и за членовите на нивните семејства.
Во рамките на програмата „Прилеп во фокус“, публиката можеше да ја проследи и топлата и трогателна претстава „Сите најубави нешта“ на Штипскиот театар, во режија на Нела Витошевиќ. Претставата го отвори прашањето за менталното здравје, оставајќи силен впечаток кај публиката.
На тркалезната маса посветена на претставата „Црно семе“ на Битолскиот театар, актерот Васко Мавровски истакна дека новата генерација носи своја порака, различна од онаа во култниот филм. Режисерот Андреј Цветановски ѝ ја посвети претставата на неговиот татко Владо Цветановски, токму на денот на неговиот роденден.
Фестивалската програма продолжува со нови изведби: вечерва на големата сцена на Центарот за култура ќе настапи ансамблот на Албанскиот театар со претставата „Ричард Трети“ во режија на Куштрим Бектеши. Претходно во текот на денот ќе се одржи промоција на нови драми наградени од „Еуродрам“, како и тркалезна маса за штипската претстава.
Фестивалот е под покровителство на Министерството за култура и туризам и Општина Прилеп, а годинава повторно носи еко-предзнак преку соработка со „Пакомак“. Главни спонзори се „Витаминка“, „Прилепска пивара“ и „Diners Club International“.