На површина од 5.030 метри квадратни во населбата „Точила“ во Прилеп, денеска е ставен камен темелник на новата детска градинка, која што ќе се гради во Прилеп по 40 години. Објектот ќе биде со капацитет за згрижување на 252 деца, и ќе значи трајно решение на проблемот со недостигот на детски градинки во Прилеп, изразен последните 10-ина години.
Според најавите од градоначалникот Илија Јованоски, објектот ќе биде изграден за 7 месеци.
– Станува збор за објект од капитално значење за градот, според сите европски и светски стандарди за квалитетен, ран, детски развој за кој општина Прилеп издвои 133 милиони денари од сопствениот буџет. Објектот е проектиран да има приземје и кат, партерно уредување, функционално поделен на два дела, од кои, едниот со 10 простории за занимални и 3 за детски јасли. Другиот дел во кој ќе бидат сместени стручниот кадар и администрацијата. Покривот е предвиден како зелена покривна тераса со ниска природна вегетација. Зелениот покрив овозможува одлична изолација преку целата година и заштеда на енергија. На покривната тераса ќе има сончеви колектори и фотоволтаична постројка за производство на електрична енергија за потребите на самата градинка, а ќе биде инсталирана и воздушна топлотна пумпа, со што значително ќе се намалат трошоците за греење и ладење – рече градоначалникот Јованоски.
Објектот ќе има централно подно греење и ќе ги исполнува сите современи стандарди за енергетска ефикасност, рече градоначалникот Јованоски. Увид во почетните градежни активности денеска извршија премиерот Зоран Заев и министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.
– Градинката е проектирана да ги исполни сите современи стандарди за енергетска ефикасност, со блиску до нула енергетска потрошувачка, со А+ енергетска класа. За објектот е обезбедено и поврзување со системот за гасификација, бидејќи Општина Прилеп е меѓу првите општини што ќе добие локална, секундарна мрежа за гас. Ова го нагласувам и заради фактот што децата во оваа градинка ќе ги добијат и првите лекции и ќе бидат на тој начин воспитувани за придобивките на зелените политики преку примерот на нивната градинка – рече премиерот Заев.
Министерката Јагода Шахпаска го акцентираше партнерскиот однос помеѓу централната и локалната власт, како можне значаен во изградбата на објекти со кои се зголемува опфатот на деца од претшколска возраст.
– Министерството за труд и социјална политика, во изминатите седум месеци успеа да ја заврши изградбата на 11 детски градинки, со што го зголемивме опфатот на нови 670 дечиња. До крајот на годината ќе ја завршиме изградбата на нови 14 детски градинки, со дополнителен опфат на 1.400 деца. Продолжуваме да градиме енергетски ефикасни градинки, според сите стандарди за енергетска ефикасност, со најсовремени услови за престој на нашите најмили – рече министерката Шахпаска.