fbpx

Во Прилеп пандемијата ќе се спречува со зголемено полициско присуство и казнени мерки

-

Преземање засилени заштитни мерки за учениците и наставниците во сите училишта со почеток на новата учебна година. Активно вклучување на училишните одбори и советите на родители со цел доследна примена на заштитните мерки. Засилени редарски служби пред банките и поголемите маркети, со цел да се спречат поголеми групирања. Засилени протоколи, дезинфекција и забрана на влез на потрошувачи без заштитни маски во градскиот зелен пазар. Овие се само дел од мерките на коишто укажа општинскиот Кризен штаб во Прилеп на седницата која што се одржа денеска, поради енормно зголемиот број на заразени со ковид-19 во последните десетина дена.

– Сакам да упатам посебен апел до младите и до сопствениците на угостителските објекти, целосно да ги почитуваат мерките за заштита од ковид-19, затоа што е забележливо дека последниот период не се почитуваат протоколите. Полицијата ќе биде сè поприсутна и во пазарот и пред поголемите маркети и банки и ќе ја засили казнената политика – порача градоначалникот Илија Јованоски, којшто заседаваше со Кризниот штаб.

Тој потенцираше дека ширењето на ковид-19 зависи од личната одговорност и дисциплина на секој поединец, при тоа повикувајќи ги невладините организации со кампањи да придонесат за поголема превенција од вирусот. Во пресрет на големиот христијански празник „Голема Богородица“, градоначалникот Јованоски апелираше до свештените лица и верниците, да не се дозволи со празнувањата да се зголеми бројот на новозаболени.

Според епидемиолозите од Центарот за јавно здравје, ова е очекувана ситуација, која што е резултат на сезоната на годишни одмори, кога граѓаните се поопуштени, со намалена претпазливост.

– Луѓето патуваат, се движат во региони и места каде сè уште е голем бројот на заболени. Околу 64 отсто од новозаразените во овој месец се регистрирани во последните десетина дена. Што се однесува до возрасната структура, 31 отсто од заразените во последниот месец се на возраст меѓу 20 и 39 години. Тоа е разбирливо, бидејќи фреквенцијата на контакти кај младите е поголема, а покрај регистрираните случаи, има и асимптоматски случаи кои можеле да го пренесат вирусот во своите семејства. Кај повозрасните, овој месец имаме 22 лица на возраст над 60 години, заразувањето најчесто настанало случајно, кога дошле во контакт со помладите лица од нивната фамилија – рече епидемилогот д-р Татјана Мургоска Станимировиќ.

А, денеска во Прилеп се евидентирани нови 13 случаи и еден починат. Вкупно активни се 90 случаи инфицирани со корона вирусот. Регистрирани се 8 активни кластери со 52 заболени лица. Детектирани се сите контакти од нив и сите се во изолација, претежно на домашно лекување. Од почеток на пандемијата, во Прилеп 427 граѓани биле инфицирани со ковид-19.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Сојузот на синдикати најави три протести, првиот ќе се одржи во вторник

Работниците и граѓаните повеќе немаат изговор да не учествуваат на протестите што ги организира Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), рече првиот човек на Сојузот, Слободан Трендафилов, на прес-конференција...