Дефицитот на работна сила, сериозниот недостиг на средно-квалификуван кадар од разни области, а најмногу конфекционери, бравари и угостители е проблем на којшто посочуваат прилепските стопанственици.

Овој проблем е присутен последниве неколку години, но годинава станува алармантен. Меѓу бројните компании кои што посочуваат на недостигот на работна сила е конфекцијата „Комфи-ангел“, формирана со мешовит македонско-англиски капитал.

– Што се однесува до „Комфи-ангел“, порано за една апликација за вработување се пријавувале по 140, а  сега едвај десетина работници. Една од клучните точки во овие моменти е недостигот на работна сила. Пред извесен период разговаравме за недостиг од едуцирана работна сила, но сега станува збор за недостиг од работна сила, воопшто. Мора да најдеме начин и на локално, национално и регионално ниво како да го амортизираме овој проблем,за да не предизвикаме економски негативни ефекти во стопанството и на капиталот во Прилеп и во државата – вели Ирена Јакимоска, сопственичка на конфекцијата и претседателка на Управниот одбор на регионалната канцеларија на Стопанската комора –Прилеп.

Таа додаде дека менаџерите на секторите за човекови ресурси од повеќе фирми во градот заедно работат на изнаоѓање решенија за регулирање и ублажување на проблемот. Според неа, најдобро е да се подготви Стратегија за да може компаниите да „увезуваат“ работна сила.

– Работнички и може да се најдат, но многу тешко ќе најдете работници во Прилеп. Недостигот на работници,значи и намален број на потрошувачи,а тоа рефлектира со намален приход во државната каса, само по основ на ДДВ – оценува Јакимоска.

Стопанствениците забележуваат дека дел вработени не го почитуваат законот, во случаи кога одлучуваат да го прекинат договорот за работа. Едноставно без најава, заминуваат од една во друга фирма. Бизнисмените бараат рамноправна положба на домашните со странските компании, кои што имаат свои капацитети во ТИР зоните.  Сметаат дека државните субвенции придонесуваат тие компании да им понудат повисоки плати на вработените, а тоа е една од причините за одлив на работната сила од компаниите каде што работеле досега.

– „Витаминка“ поддржува и активно партиципира во насока да се изнајдат начини и мерки за ублажување на проблемот со недостиг на технички кадар на пазарот на трудот, со којшто се соочуваме во последно време. Ни недостигаат пред сè кадри со средно образование. Со цел да ги направиме нашите компании поатрактивни на пазарот на трудот, треба да се преземат мерки домашните компании да бидат поконкурентни во однос на компаниите што работат во индустриските зони, коишто вработуваат многу поголем број работници – вели Орде Ѓорѓиоски, директор на сектор за правни и општи работи во ПИ „Витаминка“.

За овие проблеми стопанствените ќе побараат поддршка и од Стопанската комора во Скопје, и од државата.

Од друга страна пак многу работници порачуваат дека единствено решение за да останат на работа, е зголемување на платите, почитување на законската регулатива за работно време и исплата на сите надоместоци согласно со законот и колективните договори.

– Доколку добиеме плата соодветна на трудот што го вложуваме, сигурно дека нема да заминеме од една во друга фирма. Се разбира дека нам ни е многу подобро да работиме во ‘Гентерм’,отколку во која било конфекција или фирма, каде што за огромен труд, добиваме 100 евра помалку. Прилепчани заминаа во странство, се иселија, нема веќе кој да им работи. Ако сакаат и нас да не задржат, а и новите генерации да останат овде, нека повелат нека ни ја зголемат платата –  коментираат многу работници и на социјалните мрежи.