Фото: Mufid Majnun на Unsplash

Пандемијата од ковид-19 во Прилеп зема замав. Во овој втор бран се евидентираат неделно преку 400 заболени лица, што е на нивото на бројот од времето кога првиот бран на корона вирусот го достигна пикот во овој град. Од одделот за епидемиологија во Центарот за јавно здравје апелираат сите граѓани да се придржуваат до заштитните мерки.

Во Прилеп, овој втор бран неделно евидентираме по 400 заболени, а само вчера се откриени нови 69 заболени од ковид-19, велат од Центарот за јавно здравје

„Доминира британскиот сој на вирусот. Карактеристични симптоми се јавуваат и кај младите од 20 до 29 години, а многу ретко кај децата и младите до 19 годишна возраст. Се изолираат контактите, се преземаат стандардни мерки за превенција, но многумина со ковид-19, се движат низ градот, во аптеки, продавници… и затоа се шири пандемијата“, истакнува д-р Татјана Мургоска Станимировиќ, епидемиолог во ЦЈЗ во Прилеп.

Од прилепската болница потврдуваат дека бројот на заболени е во пораст. Во моментов, од вкупно 130 легла во болницата, слободни се само 13.

Дополнително, од петок официјално треба да биде ставена во функција модуларната болница, што располага со дополнителни 35 легла.

„Освен инвестицијата од државата, со дополнителна донација на Тутунскиот комбинат во висина од 600.000 денари, ќе се стави во функција централниот довод на кислород“, потврди Кети Смилеска, директорка на болницата „Борка Талески“-Прилеп.

Дополнително, додава таа, се инвестирани 400.000 денари од ПИ „Витаминка“ во изградбата на електро-мрежата, а има и донации од ГП „Изофас“ и други градежни фирми за изградба на инфраструктурата на модуларната болница.

Објектот ќе почне официјално со работа во петок, вели директорката Смилеска

Во овој објект ќе бидат прераспределени 30-ина медицински стручни и помошно-технички кадри, кои што ќе ја пружаат потребната грижа и лекување на болните со ковид-19.

Инаку само минатата недела во Прилеп, од ковид-19 починале 20 лица, од вкупно 404 заболени, а од почетокот на пандемијата се заболени околу 7.000 граѓани. Во битката со ковид вирусот, животот досега го загубиле 327 лица.