Во Прилеп се појавија првите два случаи на заболени од корона вирус, коишто се веќе префрлени на лекување на Инфективната клиника во Скопје. Двајцата сопружници, во трето доба, неофицијално, се инфицирани од нивниот син, којшто неодамна се вратил од одмор на Копаоник.
– Двајцата заболени како што добив информација се во добра здравствена состојба. Апелирам до граѓаните кои што имале и најмал контакт со лица со корона вирус да се јават до надлежните здравствени работници за да се преземат потребни мерки – порача градоначалникот Илија Јованоски.
Официјалните информации за овој случај се оскудни. Неофицијално се говори дека синот на заболените бил вработен на работно место упатено на контакт со многу граѓани. Надлежните служби ги преземаат сите мерки за да ги откријат сите лица изложени на ризик, поврзани само со овој случај. Се прават анкети и испитувања.
Општина Прилеп, презема и натаму ригорозни мерки за заштита од корона вирусот. Зелениот пазар нема да работи, јавниот превоз е веќе стопиран. Продолжува дезинфекцијата на улиците. Се контролира и дезинфицира секое возило кое влегува во градот на сите четири влезови. Во самоизолација се преку 170 граѓани.