„Во потрага по хуманоста“ на Аи Веивеи во „Албертина Модерна“ музејот во Виена

Мета.мк ја посети најсеопфатната ретроспективна изложба на познатиот кинески уметник и дисидент Аи Веивеи организирана досега

Фото: Мета.мк

Во музејот „Албертина Модерна“ во Виена на 16 март се отвори најсеопфатната ретроспективна изложба на познатиот кинески уметник и дисидент Аи Веивеи организирана досега. Изложбата „In Search of Humanity“ (Во потрага по хуманоста) ги носи на едно место неговите уметнички дела што се наоѓаат во различни колекции, заедно со неговите документарни филмови, и тоа во периодот кога Европа се соочува со големата хуманитарна криза предизвикана од руската воена инвазија на Украина.

Фото: Мета.мк

Станува збор за уметнички дела коишто ги опфаќаат сите периоди од неговата творечка кариера во изминативе четири децении, почнувајќи од раните дела до најновите дела на Аи Веивеи, во коишто неизбежни теми се ковид-19 пандемијата, Кина и недемократските изблици на владеење низ светот.

Фото: Мета.мк

Самиот Аи Веивеи, на отворањето на изложбата во Виена на новинарите им изјави дека со војната во Украина разнишани се темелите на демократијата и слободата во светот, додека војната и масовната бегалска криза кај него предизвикуваат страв за „нашиот таканаречен мирен живот по Втората светска војна“. Руската инвазија во Украина тој ја опишува како „неприфатлива“, додека истовремено искажува загриженост за глобалните поделби во светот.

Мета.мк уште во првите денови беше во посета на изложбата на еден од најголемите уметници на денешнината во Виена. Може да се забележи дека „Албертина Модерна“ во фокусот на неговата ретроспектива ги поставува токму уметничките дела што опфаќаат негов поглед на најзначајните меѓународни настани, по коишто тој е и најпознат.

Неговото дело „A Metal Door with Bullet Holes“ од 2015 година зазема централно место на влезот во изложбената поставка. Станува збор за огромна метална врата со дупки од гранатирање, која што Аи Веивеи ја има откриено додека снимал во Сирија во близина на турската граница. Оваа врата е сведок на насилството од војната што е присутно во Сирија изминатиов период.

„A Metal Door with Bullet Holes“; Фото: Мета.мк

Значаен дел од неговите творештва ја третираат темата за бегалците. Во 2015 година уметникот се најде на грчкиот остров Лезбос, каде што на тамошните плажи ги забележа елеците за спасување користени од бегалците кои го минуваат Медитеранското море за да избегаат од ужасите на војните од Блискиот Исток. Инспиран од ова, неговото дело „Cristal Ball“ од 2017 година се состои од бројни елеци за спасување опкружени околу џиновска кристална топка. Тој со ова го поставува прашањето за судбината на бегалците, или уште порадикално, во колкава мерка самите бегалци беа оставени сами на својата судбина.

Cristal Ball; Фото: Мета.мк

Покрај темата за војната и бегалците, во неговите рани дела, Аи Веивеи критички се осврнува на третманот на Кина кон културното наследство и консумеризмот, па така на кинеските традиционални вазни од неолитот е испишано логото на Кока-Кола, сосе „неидеалните“ портрети на кинескиот комунистички лидер Мао Це Тунг.

Фото: Мета.мк

Немаштијата, културната револуција во Кина од која страдал и неговиот татко, уништувањето на културното наследство, корупцијата во еднопартискиот систем и системските недостатоци на истиот, критиката кон кинескиот концепт за стигматизацијата на поединецот, се провлекуваат низ најголем дел од творечките периоди на Аи Веивеи, кои се прикажани во „Албертина Модерна“.

Можеби најсилен впечаток оставаат последиците од страотниот земјотрес во кинеската провинција Сичуан, во којшто животот го изгубија околу 70.000 лица. Аи Веивеи во период од две години по сопствена иницијатива го врши истражувањето, за да ги открие имињата на 5.197 деца кои загинуваат под урнатините на училишните згради во Сичуан. Тогаш се отвори огромниот скандал за неквалитетната изградба на училишните објекти и за корупциските мотиви коишто стојат позади него, а за кои се смета дека се причина за уривањето на ваквите објекти.

Имињата на загинатите деца во земјотресот во Сичуан; Фото: Мета.мк

Откако ги објави имињата на загинатите ученици во земјотресот во Сичуан, кинеските власти најпрво го цензурираа блогот на Аи Веивеи, по што неговите содржини ги блокираа целосно од кинескиот интернет, правејќи од него дисидент. Неговото дело „Forge“ (2008-2012 година) е можеби уметничкото дело што предизвикува најмногу емоции, бидејќи е поставено во истата сала во која се наоѓаат имињата на загинатите ученици. Остатоците од искривените арматури на разурнатото училиште се потсетник на загинатите деца од небрежноста на кинеските власти.

„Forge“; Фото: Мета.мк

Во посебни сали, Аи Веивеи фрла поглед и кон себе и сведоштвото за недемократскиот однос на комунистичкиот државен апарат во Кина, за деновите поминати во затвор и за односот што го добива од неговата матична земја како дисидент, само поради тоа што ги разоткрива јавно проблемите со коишто се соочува кинеското општество.

Цензурата, следењето на секој чекор и односот на кинеската недемократска власт кон Аи Веивеи; Фото: Мета.мк

Покра тоа што критикува, повикува на човечност и трага по освестување, уметничките дела на Аи Веивеи се извонредно иновативни и поради користењето на Лего коцки како медиум во изработка. Во едно од нив, тој го пресоздава саудиското национално знаме по убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги, што се случи во Истанбул во 2018 година. Неговите последни зборови „Не можам да дишам“ се испишани на знамето на Саудиска Арабија, користејќи ги притоа Лего коцките.

Аи Веивеи истакнува дека неговата изложба во Виена е радикална и критичка. Секогаш кога ќе се појави проблем што ја тангира човечноста, неговата мисија е да се упати на терен и да ги почувствува страдањата, да „влезе во нивните чевли“, од коишто произлегува како финален резултат уметничкото дело.

Несомнено, изложбата „Во потрага по човештвото“ во Виена е вредна за посета. Реминисценцијата од значајни меѓународни настани, погледите на Аи Веивеи кон нив, се само еден слој, којшто е надополнет со „привилегијата“ на посетителот да се запознае со сите творечки периоди на авторот, со целовитоста на неговото творештво која што е овозможена од „Албертина Модерна“. Изложбата на Аи Веивеи во Виена ќе биде отворена до 4 септември годинава.

Автор: Бојан Блажевски