Деветтото издание на Студентската конференција за енергетска ефикасност и одржлив развој (СКЕЕОР 2021) ќе се одржи во периодот од 13 до 16 декември. Станува збор за единствена конференција во регионот организирана од студентите за студентите, во која младите го ставаат фокусот на теми од енергетската ефикасност и одржливото работење.
Конференцијата на која студентите ќе дадат лични предлози и решенија за справување со енергетската криза е поддржана од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ). Настанот ќе започне во понеделник, 13 декември од 10 часот, а на отворањето ќе се обратат проф. д-р Никола Јанкуловски, ректор на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј“; проф. д-р Димитар Ташковски, декан на Факултетот за електротехника и информациски технологии; г-дин Никола Јовановски, заменик раководител на Сектор за животна средина при Град Скопје и вон. проф. д-р Лихнида Стојановска-Георгиевска, координатор на СКЕЕОР.
„Во рамки на четиридневната конференција, присутните ќе може да слушнат серија пленарни предавања од домашни и странски претставници, на петте теми во фокус на оваа конференција: Обновливи извори на енергија; Автоматизација и мерење на енергетска ефикасност; Електрични возила и енергетски ефикасен транспорт; Енергетската ефикасност и одржливост на животната средина; како и нови технологии и материјали и енергетската ефикасност во објекти, градежништво и архитектура. Исто така, ќе бидат презентирани и 28 трудови на студенти на додипломски и постдипломски студии и академски членови“, информираат организаторите на конференцијата.
Воедно, преку предавањата и панел дискусиите во рамки на конференцијата, компаниите ќе ги прикажат своите добри практики за енергетски ефикасно и одржливо работење.
„Енергетската ефикасност и одржливиот развој како теми стануваат сѐ поактуелни во нашето секојдневие. Радува фактот што од година во година интересот кај нас – младите во Македонија за оваа област расте“, изјави Марко Минов, претседател на СКЕЕОР 2021.
Тој додава дека во рамки на СКЕЕОР 2021 ќе имаме можност за развој на дијалог и размена на искуства и идеи во полето на енергетската ефикасност.
„На овој начин, ги потсетуваме новите генерации за важноста на енергетската ефикасност, а истовремено и ги поттикнуваме на размена на идеи и иновативен пристап при изнаоѓањето решенија кои ќе придонесат за едно подобро, енергетски поефикасно утре“, вели тој.