Во понеделник студентите се враќаат во студентските домови под посебни протоколи

Дел од реновираниот ентериер на студентскиот дом Гоце Делчев | Фото: Арбнора Мемети

Во понеделник започнува сместувањето на студентите во студентските домови со нов начин на функционирање со протоколи и намален капацитет, изјави директорот на Државниот студентски центар, Дарио Николовски на денешната посета во „Кузман Јосифовски Питу“, заедно со министерката за образование и наука, Мила Царовска.

„Секоја соба каде што има две легла ќе се смести само еден студент, а онаму каде што има четири легла ќе сместуваат максимум двaјца студенти. Ќе се забрани користењето на заедничките простории, а мензите ќе функционираат на начин, така што масите ќе бидат одвоени на два метри, а на секоја маса за четворица ќе можат да седат максимум двајца студенти. Исто така на влезовите од домовите ќе има средства за дезинфекција“ изјави Николовски.

Министерката за образование и наука, Мила Царовска истакна дека во студентските домови каде капацитетот е 2.080 лица, примени се 1.614 студенти, што значи дека има можност да се примат дополнително.

„Да не заборавиме дека има резервна листа со која, оние факултети што ќе го променат статусот, односно коишто рекле дека ќе работат само онлајн, а подоцна истата одлука ќе биде променета, тогаш да има можност студентите да бидат примени назад на своите места затоа што ги исполнуваат условите за прием“ изјави министерката на денешната средба со Николовски.

Царовска уште еднаш потенцираше и ги повика студентите до 10 октомври да аплицираат за еднократка финансиска помош.

Министерката исто така, посочи дека во МОН се разгледуваат и приговорите од студентите кои пристигнале до нив во изминатиов период, а се поврзани со нивно сместување.

Во врска со ученичките домови примени се 1.193 ученици, а согласно новите протоколи има слободни места за уште 1.058 лица, а 73 кои што се од Битола и од Струмица ќе добијат можност да се сместат во приватно сместување или да патуваат до дома, согласно новите законски измени. Во другите ученички домови пак, има слободни 160 места.