Во понеделник во 18 часот во Кинотека на Македонија, ќе се одржи панел дискусија на тема „Живот без капитализам: Како дотаму?“, како и проекција на документарниот филм „Земја за нас“ и разговор со режисерката Карла Црнчевиќ. Настанот се организира во склоп на дванаесеттото издание на фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“ и е бесплатен.
Панелисти ќе бидат Вики Младенова, Здравко Савески и Ленче Деспотоска, а модераторка Андријана Папиќ Манчева. Како што најави организаторот „Тииит! Инк“, тие ќе дискутираат за тоа дали е можен свет надвор од цивилизацијата, поинаков од сегашниот.
„Дали и како можеме да го смениме нашиот однос кон природата, производството, заедничкиот простор? Како, среде пирејот на индивидуализмот и отуѓеноста, да ги развиваме капацитетите за заедништво? И конечно, што практично значи да се живее во заедница?“, се вели во соопштенито до медиумите.
Документарниот филм „Земја за нас“ е посветен на група жени во срцето на островот Брач во Јадранското море, каде група жени живее во необична заедница.
„Не веруваат во приватен имот ни во хиерархија, со заедницата управуваат со директна демократија и се занимаваат со земјоделство на еколошки начин. Секоја членка на комуната има избегано од некој минат живот и заедно се обидуваат да ја изградат својата мала самоодржлива оаза. Но кога ќе биде поставено прашањето на впишување на сопственоста во катастарските книги, во прашање доаѓа самиот опстанок на заедницата“, велат од „Тиииит! Инк“.
По проекцијата на филмот, ќе следи разговор со авторката на филмот Карла Црнчевиќ, кој ќе го води Ѓорѓи Пулевски. Настанот е поддржан од Equality Fund.