Здружението за психотерапија и советување „Кортекс“ – Тетово во соработка со Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство презентираше наоди од спроведеното истражување „Анализа на состојба со пристапни и достапни специјализирани сервиси за помош и поддршка на жени и деца жртви на родово базирано и семејно насилство во Полошки плански регион“.
Станува збор за анализа што ги мапира сите постоечки институции за справување со семејно и родово базирано насилство во пределот на Полошкиот регион и деветте општини и нивните услуги, при што се нагласува неопходноста за постоење на засолниште, односно шелтер центар што изоставува од целиот регион, како и зголемување на бројот на специјализирани психолошки советувалишта, и зголемување на пристапноста до услугите како бесплатна првна помош и достапни СОС линии.
„Во моментов насилството врз жените и справувањето иако е законска должност, не е приоритет на општините во Полошкиот регион бидејќи ниту една општина не издвојува финасиски средства за поддршка на специјализирани услуги. Иако пријавувањето на случаи се зголемува во последните неколку години, Полошкиот регион нема шелтер центар, ниту интервентен, ниту СОС линија и не се прави ништо за унапредување на правата на жените жртви на семејно или родово – базирано насилство“, изјави Ана Аврамовска Нушкова од Национална мрежа против насилство врз жените и семејно насилство.
Анализата е изработена во рамки на проектот „Воспоставување и обезбедување на одржливост на советувалишен центар за жени и деца жртви на семејно и родово базирано насилство“ спроведуван од ЗПСП Кортекс што е во склоп на проектот „На патот кон ЕУ: Спречување на насилство врз жените во Република Северна Македонија“, спроведуван од Национална мрежа против насилство врз жени и семејно насилство со финансиска поддршка од Фондацијата „Kvinna till Kvinna“ од Шведска.
На настанот беа присутни и студентки во отсекот психологија на Државниот универзитет во Тетово кои земале учество во десет дневен циклус на работилници посветени на подигање на свеста за правата на жените што се жртви на насилство преку стекнување на знаења и вештини од доменот на превенција на семејното насилство и насилство врз жени и деца.
Во рамки на обуките, завршната работилница беше задача за студентките да го споделат стекантото знаење со тетовци, а со тоа да ја испитаат свеста за проблемот со насилството и нивната информираност за тоа каде треба да се пријави истото, по што во петокот тие преминаа на плоштадот во центарот на градот каде разговараа со случајни минувачи.
„Среќни сме што бевме дел од оваа навистна корисна работилница. Денес имаме можност да го пренесеме наученото и да го подигнеме гласот за родовата еднаквост. Ги споделуваме нашите информации, но и добиваме од населението а со тоа може да провериме до каде е свеста и дали има потреба да се зборува за еднаквоста меѓу мажите и жените“, изјави студентката Бора Казими за „Мета.мк“.
Циклусот работилници беше организиран од Женскиот центар против насилство врз жени и деца во Тетово што постои во рамки на Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, а реализиран од страна на социјалната работничка и семејна и системска советничка, Моника Чекаловиќ и Небахат Зибери, магистер по клиничка психологија, гешталт советувач и ЕМИ терапевт.
Инаку „Мета.мк“ и претходно пишуваше за проблемот во Полошкиот регион што го предизвикува немањето на засолниште за жени жртви на семејно и родово базирано насилство.