fbpx

Во Подгорица тече хуманитарна акција за помош на граѓаните на Украина

-

Во центарот на Подгорица, главниот град на Црна Гора, веќе неколку дена е поставен шатор во кој се собира хуманитарна помош за граѓаните на Украина настрадани од руската инвазија.

Пунктот за собирање хуманитарна помош за Украина на Плоштадот на независноста во центарот на Подгорица во работните денови е отворен во попладневните и вечерните часови, а за викенд во текот на целиот ден. Фото: Мета.мк.

Хуманитарната акција започна од 2 март во организација на локалната самоуправа, од каде изјавиле дека се координираат и со дипломатскиот кор за тоа каква помош е најпотребна и каде да се достави.

Според организаторите на собирниот пункт на Плоштадот на независноста, граѓаните претежно донираат конзервирана храна, средства за лична хигиена и облека, особено храна за бебиња и пелени.

„Наша должност и обврска е да пружиме поддршка и помош во најконкретна смисла. Сликите од Украина тешко ни паѓаат, не можеме емотивно да се дистанцираме од ситуацијата. Искажуваме најдлабока почит за тоа како луѓето во Украина храбро и гордо се соочуваат со оваа ситуација,“ изјави градоначалникот на Подгорица Иван Вуковиќ.

Пункт за донирање хуманитарна помош во центарот на Подгорица. Фото: Мета.мк.

Вршителката на должност украинска амбасадорка во Подгорица, Наталија Фијалка се заблагодари на помошта, укажувајќи дека според државната администрација од Киев, најпотребна е финансиска поддршка и залихи на артикли и намирници.

Организаторите на акцијата исто така посочуваат дека на бегалците и другите загрозени жители на Украина им се потребни зимски облеки и обувки, долни облеки, ќебиња и постелнина, прибори за прва помош, греалици, ламби, комуникациска опрема како мобилни телефони и лаптопи, батерии и банки за енергија, како и канистери за течност со капацитет од 10 до 20 литри.

Дел од собраната хуманитарна помош која од Црна Гора со камиони ќе се носи кон Украина. Фото: Мета.мк.

Во акцијата, покрај локалното население, учествуваат и странски државјани кои се затекнале во Подгорица. Покрај донациите, тие оставаат и пораки на поддршка во книгите со впечатоци, а кои се планира да бидат испратени за Украина заедно со собраните донации.

Книга со впечатоци од донаторите на пунктот за собирање хуманитарна помош во центарот на Подгорица. Фото: Мета.мк. 

Инаку, последните податоци на Обединетите нации посочуваат дека над 1,5 милиони бегалци ја напуштиле Украина во изминативе 10 дена. Украинските власти информираат дека градови од регионот Суми, како и пристанишниот град Мариупол се пред хуманитарна катастрофа. На сличен начин како во Подгорица, од здружението „Лесја Украинка“ информираат дека од денеска почнуваат хуманитарна акција за помош, која што ќе се собира секој ден во шатор кој ќе биде поставен на плоштадот Македонија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Украинската одбрана соборила 84 руски воздушни цели

Ноќеска Русија изврши уште еден масовен воздушен напад врз украински објекти за гориво и енергија, соопшти украинската одбрана. Непријателот ја нападнал Украина со 60 беспилотни летала Шахед и 39 проектили...