фото: Архива на Мета

Петтиот економски пакет кој ќе биде наменет за финансиска помош на компаниите и граѓаните тежи 160 милиони евра, истакна денеска на прес-конференција премиерот Зоран Заев.

Истиот содржи 29 мерки, распоредени во четири главни столба: директна финансиска поддршка за компаниите во туризмот, занаетчиството, угостителството, транспортот, индустријата за организација на настани со цел задржување на работните места, финансиска поддршка за ликвидноста на приватниот сектор со бескаматни кредити со неповратна компонента, креирање поповолно деловно опкружување со системско редефинирање на Царинскиот тарифник, намалување на парафискалните давачки, даночно олеснување и одложување кај неколку јавни давачки, како и директна помош за граѓаните.

Субвенциите за плати ќе продолжи и за во февруари и март се обезбедени 1,92 милијарди денари, со што ќе бидат опфатени околу 60.000 работници месечно, а поддршката ќе биде скалеста во износ од 14.500 до 21.776 денари.

Компаниите ќе може да ја користат или оваа или втората мерка која овозможува  кредити со нула проценти камата во дејностите туризам, занаетчиство, угостителство, индустрија за организирање настани, транспорт, приватни здравствени установи.

„За втората мерка се проектирани 615 милиони денари или 10 милиони евра и за неа може да се аплицира во 2021 година. Средствата ќе се реализираат преку Развојната банка,“ додаде Заев.

Премиерот додаде дека петтиот пакет мерки директно се надоврзува на претходните четири и има за цел да ја придвижи економијата. Заев најави дека поддршката од повеќето мерки ќе се користи до крајот на 2021 година.

На прес-конференцијата во Владата присуствуваат заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи, министерот за финансии Фатмир Бесими и министерот за економија Крешник Бектеши.