Во петок започнува Драмскиот аматерски фестивал на Македонија

ДАФ 2021

Во петок, пред Споменикот на слободата во Кочани, се отвора 58. издание на Драмскиот аматерски фестивал на Македонија.

Откако минатата година, фестивалот беше одложен поради пандемијата, а потоа под посебни мерки и протоколи се одржа наесен и беше од ревијален карактер, годинава делумно го враќа својот сјај и ќе ги додели наградите на учесниците на фестивалот.

Годинава на ДАФ ќе бидат одржани десет настани, од кои пет се театарски претстави. Фестивалот во петок, во чест на аматеризмот ќе го отвори „Театар Комедија“ од Скопје, чии актери пред да станат професионалци биле аматери-вљубеници во театарот, вели извршниот директор на ДАФ, Дарко Спасов.

Тој додава дека, и покрај неповолните околности, Драмскиот аматерски фестивал останува поттикнувач и поддржувач на драмскиот аматеризам во Македонија.

„Годинава настанот ќе го наречам герила театар, затоа што ќе биде на отворено, наместо во Центарот за култура „Бели мугри“, каде што се одржуваше претходно.Минатата година немавме доделување награди, зашто имавме помалку претстави во споредба со претходните години пред пандемијата, кога имавме и по 17 претстави во еден фестивал. Но, оваа година одлучивме тричленото жири да избере осум награди за мотивација и еден вид благодарност до сите кои работеле и подготвиле претстави за да може да ги види публиката“, вели Спасов.

Организаторите очекуваат фестивалот догодина да се врати во полн сјај.

„Се надеваме дека ова не е привидно смирување на таа грда пандемија која втора година по ред го ограничува фестивалот. Како организатори си велиме дека се гледа светлото на крајот од тунелот и се надеваме дека ќе се врати театарот, аматерскиот и професионалниот, во еден нормален начин на живот“, објаснува Спасов.

Поради околностите, годинава на ДАФ нема да гостуваат театарски групи од други земји. Со свои претстави на ДАФ 2021 ќе настапат Театарот при домот на култура „Иван Мазов – Климе“ од Кавадарци, Студиото за актерска игра „Прва проба“ од Скопје и Драмското студио „Spotlight“ од Штип.

Фестивалот ќе се одржи од 21 до 25 мај на неколку локации во Кочани и ќе биде од отворен карактер, без билети, но организаторите апелираат присутните да се придржуваат до мерките на претпазливост. Целосната програма и распоредот на претставите можат да се видат на веб-страницата на ДАФ.

Покрај 58. издание на фестивалот, годинава се одбележуваат и 45 години од пристигнувањето на ДАФ во Кочани.

Драмскиот аматерски фестивал е еден од најстарите фестивали во државата, но и единствен што го негува, закрилува и поттикнува драмскиот аматеризам. За првпат се одржал во 1961 година, а во Кочани доаѓа во 1977 и оттогаш станува кулурен белег на градот.