Во петок промоција на „Архиви на невидливите“ – публикација, конференција и изложба за жените во историјата

Во петок (29 октомври), со почеток од 13 часот, во НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје, Центарот за истражување на национализмот и културата (ЦИНИК) ќе ја промовира публикацијата, а ќе одржи и конференција и изложба кои во фокус ги имаат жените во историјата и историографијата на жените во периодот помеѓи двете светски војни, информираат од ЦИНИК.

Настанот ќе започне со промоција на публикацијата „Архиви на невидливите: Жените од македонското минато во печатот помеѓу двете светски војни“, која нуди авторски текстови и систематизирана библиографија за појавноста и видливоста на жените во печатените медиуми од меѓувоениот период.

Публикацијата ја изготви тим од осум истражувач(к)и, и тоа Нада Бошковска (стручна соработничка/предговор), Здравко Стојкоски (историски контекст), Ивана Хаџиевска (аспекти од историјата на жените во истражуваниот печат), Мања Величковска и Фросина Крушкаровска (книжевни аспекти), Марина Мијаковска (составувачка на библиографијата),Јана Коцевска (составувачка на регистар на женски имиња) и Билјана Котевска (прирачник со препораки за крос-институционални политики). Уреднички на публикацијата се Ивана Хаџиевска и Јана Коцевска од ЦИНИК – Скопје.

Веднаш потоа ќе следи и конференција на тема: „Регионални искуства на архивирање и изучување на историјата на жените во печатената култура – патишта на зачувување и споделување“, на која учество ќе земат Нада Бошковска – професорка на Катедрата за источноевропска историја на Универзитетот во Цирих, Ана Колариќ – доцентка на Катедрата за општа и компаративна книжевност и теорија на книжевност на Филолошкиот факултет при Универзитетот во Белград, Ивана Пантелиќ – научна соработничка во Институтот за современа историја во Белград и Манца Г. Ренко – асистентка на Факултетот за хуманистички науки на Универзитетот во Љубљана. Модераторка на конференцијата е Ана Василева.

Во текот на целиот ден во петок на 29 октомври во НУБ присутните ќе имаат можност да ја погледнат и изложбата на визуелната уметница Христина Иваноска на тема „Музеј на женски приказни“ започната во 2015 година.

Настанот се организира во рамки на проектот Архиви на невидливите, поддржан од Фондација Хајрих Бел, Министерство за култура на Република Северна Македонија и Град Скопје.